Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата.     Фото: АА (Архива)

Во македонското Собрание во рамки на Комисијата за уставни прашања денеска започна процедурата за уставни измени. Предлогот за уставни измени кој Владата го достави до Собранието го образложи премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.

Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

Пратениците од владеачките партии Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ), Демократската унија за интеграција (ДУИ), Либерално-демократска партија (ЛДП), ДОМ (Демократска обнова на Македонија), Алијанса за Албанците и другите помали коалициски партии ќе ги поддржат уставните измени.

Сепак, потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за уставните измени не е обезбедено поради противењето на опозицијата предводена од партијата ВМРО-ДПМНЕ, која е со став дека не треба да бидат поддржани измените на Уставот.

Измените на Уставот се дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската унија. Ова уследи откако францускиот предлог за надминување на разликите меѓу Скопје и Софија беше ратификуван во македонското и бугарското Собрание.

Според преговарачката рамка, Северна Македонија до крајот на ноември, кога завршува скринингот треба да ги донесе уставните измени, по што треба да се одржи втората меѓувладина седница. Доколку тоа не се случи има предупредувања дека процесот за преговори со ЕУ би можел да запре.

TRT Balkan / агенции
Популарни