Поради дојава за поставена бомба привремено е затворен меѓународниот аеродром „Адем Јашари“ во Приштина, соопшти полицијата на Косово.
Косовската полиција денеска во утринските часови добила информации со заканувачки содржини за експлозивни направи на меѓународниот аеродром „Адем Јашари“ во Приштина.
„Врз основа на овие информации, косовската полиција во соработка и координација со надлежните институции презеде итни полициски акции, каде од безбедносни причини привремено го затвори аеродромот.“, соопштија од косовската полиција.
Додаваат дека поради контрола и безбедносни мерки ангажирани се соодветни единици.
„Затоа бараме разбирање од сите граѓани. Косовската полиција ќе продолжи да ве информира за понатамошниот развој на настаните се додека аеродромот не се отвори за сообраќај.“, велат од полицијата.
Регионот на Западен Балкан во последниве месеци е мета на серија лажни дојави за бомби претежно насочени кон образовни институции, банки и други јавни објекти, но ова е првпат да биде пријавена бомба на аеродром во регионот.