Затворени гласачките места во Србија: Се бројат гласовите / Photo: AA

Во Србија се затворени гласачките места каде денеска се одржаа вонредни парламентарни избори, вонредни избори за Собранието на автономната покраина Војводина и вонредни локални избори за главниот град Белград и уште 65 локални самоуправи.

Право на глас на вонредните парламентарни избори имаа 6.500.165 граѓани, на покраинските избори во Војводина 1.669.734, а на белградските 1.613.190.

Вонредните избори беа распишани на барање на дел од опозициски партии, по неколкумесечните протести на граѓаните ширум Србија, незадоволни од одговорот на државата за двете масовни убиства на почетокот на мај во Белград и селата Мало Орашје и Дубона, во околината на Младеновац и Смедерево, во кои загинаа 19 лица, главно деца.

На гласачкото ливче се наоѓаа 18 изборни листи со вкупно 2.817 кандидати.

Се гласаше на вкупно 8.273 гласачки места од кои 29 беа во заводите за извршување кривични санкции, а 81 во странство во 35 држави. Србите од Косово на парламентарните избори можеа да гласаат во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин. Гласањето е организирано и во 35 држави, односно на 81 гласачко место. Тоа е најголемиот број гласачки места кој е отворен во странство од 2004 година од кога на припадниците на дијаспората им е овозможено да гласаат во странство. За гласањето во странство се пијавија околу 40.000 државјани на Србија.

На вонредните парламентарни избори на 19 избирачки места можеа да гласаат и околу 11.500 државјани на Србија кои живеат во Босна и Херцеговина.

Републичката изборна комисија има законска обврска да ги утврди конечните резултати од изборите најдоцна 96 часа по затворањето на избирачките места. Граѓаните ќе ги имаат првите проценки за изборните резултати еден час по затворањето на избирачките места.

Набљудувачката мисија „Црта“ претходно соопшти дека за време на изборниот ден најголема загриженост предизвикале големиот број евидентирани случаи на организирано носење гласачи на гласање во Белград од други места и држави.

„На неколку точки во Белград е забележана концентрација на автобуси, комбиња и поединечни возила, чии патници се носат на избирачки места во различни делови на градот“, се вели во соопштението.

Миладин Ковачевиќ, директор на Републичкиот завод за статистика на Србија, соопшти дека до 18 часот на вонредните избори гласале 51,93 отсто од гласачите. Истакна дека минатата година во 18 часот излезоста била 50,82 %.

TRT Balkan / агенции
Популарни