Според штотуку завршениот попис на населението, семејните домаќинства и становите, Косово има околу 1,6 милиони жители, што е за околу 150.000 помалку од последниот попис од 2011 година.
Вршителот на должноста директор на Агенцијата за статистика на Косово, Авни Кастрати, на прес-конференцијата рече дека пописот е успешно завршен. Кастрати најави дека прелиминарните податоци ќе бидат објавени во јули, иако се очекува да бидат објавени три месеци по пописот.
„Последните две недели јавно немаме презентирано податоци. И денеска немаме мандат да ги објавиме, бидејќи ќе ги објавиме во првата половина на јули, но се очекува Косово да има околу 1,6 милиони жители“, рече Кастрати.
Наведе и дека досега се регистрирани околу 600.000 жители во дијаспората, но регистрацијата на косовската дијаспора преку порталот е-дијаспора продолжува до 31 август 2024 година.
Рокот за одржување на пописот на населението беше од 5 април до 17 мај, но Владата на Косово на барање на неколку општини го продолжи пописот за уште една недела, до 24 мај. Во дополнителниот период пописот го извршија вработените во Агенцијата за статистика.
Кастрати истакна дека сите етнички заедници масовно реагирале на пописот, со исклучок на Србите во четири општини на северот на Косово.
Одговарајќи на новинарски прашања дека има поплаки од Србите од сите општини, и јужно и северно од Ибар, дека попишувачите никогаш не им дошле на врата, Кастрати рече дека во некои области каде живее српската заедница, се вршел политички притисок врз попишувачите.
„Повторно регрутиравме попишувачи и во многу српски зони три пати ангажиравме попишувачи, ги обучивме и ги испраќавме на терен. Дури во последните денови, поточно последната недела, се вклучи и српската заедница, гледајќи ја важноста на пописот. Првите пет недели не беа вклучени, бидејќи имаше внатрешна дискусија или политички притисок. Секоја заедница доби можност, а АСК направи се што можеше“, рече Кастрати.
Тој додаде дека тие што не се пријавиле сега ќе имаат можност тоа да го сторат дури на следниот попис во 2031 година.
Според последниот попис од 2011 година, вкупниот број на жители на Косово изнесува 1.739.825.