Зеленски на Преспа форумот: Ова е историски момент за безбедноста на Европа      Foto: AA

„Полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на вашите држави е историско зајакнување на Европа. Сега е историски момент за европската безбедност, каде секој треба да одлучи што е Европа и каква Европа сака во иднина.

Ова е пораката што ја упати украинскиот претседател Владимир Зеленски кој имаше свое обраќање преку видео-конференциска врска на сесијата на високо ниво насловена „Што после војната во Украина“, во рамки на Преспа форумот за дијалог што се одржува овие два дена во Охрид под покровителство на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.

Во своето видео обраќање Зеленски даде придонес кон дебатата и кажа што според него ризикува ЕУ и како Украина и украинскиот народ се справуваат со војната во изминатите месец.

Според Зеленски, сега е клучен момент секој да одлучи дали Европа ќе биде безбедна како што се навикнати повеќето Европејци. Тој рече дека сега е моментот кога секој треба да одлучи и за тоа дали Европа ќе биде социјално и економски развиена и ќе ги инспирира општествата надвор од нејзиниот континент.

„За Украина ова е најстрашниот воен предизвик и украинскиот народ се брани веќе 113-ти ден од руските амбиции да го уништат украинскиот народ и култура“, нагласи Зеленски.

Украинската одбрана од Русија, посочи тој, е од фундаментално значење за секого во Европа.

„Сите ние во демократскиот свет се соочивме со енергетска криза без преседан“, рече Зеленски.

„Многу години Русија креира впечаток дека е наводно сигурен извор на енергетски ресурси, но во реалноста направи различни европски земји да зависат од неа. Уште полошо сценарио е со пазарот на храна, при што не само што се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, туку се создава и нова мигрантска криза. Ќе споменам уште еден елемент од руската антиевропска политика – а тоа е дека Русија е можеби најголемиот инвеститор во пропаганда“, истакна украинскиот претседател Зеленски.

Затоа, како што рече тој, сериозна дискусија за безбедносна архитектура во Европа „мора да биде базирана на потребата да се ослободи Европа од зависноста што руската држава ја прави со децении“.

Меѓу другото, тој порача дека се потребни санкции за како што рече, антиевропската политика на Русија.

Зеленски посака успешен Самит помеѓу ЕУ и Западен Балкан во јуни

Украинскиот претседател се осврна и на Самитот на ЕУ-Западен Балкан, кој е најавено да се одржи во текот на овој месец, посакувајќи тој да биде успешен за балканските држави.

„Полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на вашите држави е историско зајакнување на Европа и целосно демонтирање на руската способност да не победи поединечно. Потребен ни е позитивен одговор на нашата и на вашата европска перспектива и благодарен сум што работиме на таа цел заедно“, изјави Зеленски и додаде:

„Одговарајќи за нашата европска перспектива, и одговарајќи за вашата европска перспектива, народите во Европа и европските политичари одговараат за иднината на Европа.“

Во рамките на второто издание на Преспа форумот за дијалог кој од 16-18 јуни се одржува во Охрид, Северна Македонија, учествуваат значајни личности од политиката и дипломатијата од регионот и пошироко.

TRT Balkan
Популарни