Земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала го погоди северозападниот дел на Хрватска. Како што соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), земјотресот е регистриран на длабочина од шест километри. Земјотресот бил почувствуван во Загреб и цела северозападна Хрватска.
ЕМСЦ претходно објави дека прелиминарната магнитуда била 4,6, но подоцна беше објавено дека земјотресот бил со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала.
Епицентарот на земјотресот што беше почувствуван во вторникот во 8. 43 часот во поширокото подрачје на северна Хрватска бил во Апатовац, 17 километри северно од Крижевци и бил со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала, соопшти Сеизмолошката служба на Републиката.
Началникот на Генералштабот на Цивилната заштита и заменик-префект на Копривничко-крижевската жупанија Ратимир Љубиќ изјави дека засега немаат информации за штетите од земјотресот.
Љубиќ вели дека контактирале со бројни лица од терен, но никој од нив барем засега не пријавил штета. Тој вели дека сите пријавиле дека земјата прилично се затресла.
„Доколку некој пријави штета, подоцна ќе ја информираме јавноста“, рече Љубиќ.