Четворица астронаути, кои поминаа шест месеци на Меѓународната вселенска станица, безбедно слетаа на Земјата со вселенско летало Спејс Икс Драгон во близина на брегот на Џексонвил, Флорида.
„Астронаутите на НАСА, Стивен Бовен и Вуди Хобург, како и астронаутот од Обединети Арапски Емирати, Султан Алнејади и космонаутот на Роскосмос, Андреј Федјаев, се вратија на Земјата во 12:17 часот по средноевропско време“, се вели во соопштението на НАСА.
Aстронаутите беа членови на мисијата Екипаж-6 што ја водеа заеднички НАСА и Спејс Икс.
„Тимовите на бродовите за извлекување на Спејс Икс го извлекоа леталото и неговиот екипаж. По враќањето на брегот, екипажот ќе лета до вселенскиот центар Џонсон на НАСА во Хјустон“, се вели во соопштението.
Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, рече дека екипажот, кој помина речиси 127 милиони километри за време на нивната мисија, заврши „стотици научни експерименти за доброто на целото човештво“.