Обновливите извори на енергија сега сочинуваат повеќе од 30 отсто од глобалното производство на електрична енергија, според извештајот објавен во средата од енергетскиот тинк-тенк Ембер.
„Растот на соларната и енергијата на ветерот доведе до тоа во светот во 2023 година за прв пат над 30 проценти од електричнате енергија да е од обновливите извори“, се вели во соопштението на Ембер.
Според извештајот на Ембер, уделот на енергијата произведена со користење на обновливи извори порасна од 19 отсто во 2000 година на повеќе од 30 отсто во 2023 година. Целиот овој раст е резултат на зголемената употреба на енергијата на ветерот и сонцето.
Учеството на производството на електрична енергија од хидроцентралите и преостанатите обновливи извори на енергија во вкупното производство на енергија е намалено во истиот период, се наведува во извештајот.
Ембер сугерира дека уделот на електрична енергија од фосилни горива може да почне да опаѓа уште оваа година.
За постигнување на меѓународните цели за климатските промени, ова е критично, со повеќекратни анализи кои покажуваат дека енергетскиот сектор треба да биде првиот што ќе се декарбонира - до 2035 година во земјите на ОЕЦД, до 2045 година во остатокот од светот. Секторот во моментов е највисокиот емитер од сите, произведувајќи повеќе од една третина од емисиите на јаглерод диоксид поврзани со енергијата.
„Брзиот раст на сончевата и ветерната енергија го доведе светот до клучна пресвртница, веројатно веќе оваа година, каде што производството на фосилни горива ќе почне да опаѓа на глобално ниво“, се вели во соопштението.
Во извештајот се вели дека бројките за 2023 година доаѓаат од 80 земји кои претставуваат 92 отсто од глобалната побарувачка на енергија.
„Пристигна обновливата иднина. Особено сончевата енергија се забрзува повеќе отколку што некој мислеше дека е можно. Намалувањето на емисиите во електроенергетскиот сектор сега е неизбежно. 2023 година веројатно беше средишна точка - врв на емисии во енергетскиот сектор - голема пресвртница во историјата на енергетиката. Но темпото на опаѓање на емисиите зависи од тоа колку брзо продолжува револуцијата на обновливите извори на енергија. Добрата вест е дека веќе ги знаеме клучните фактории кои им помагаат на земјите да го ослободат целосниот потенцијал на соларната и ветерната енергија. Проширувањето на чистата електрична енергија не помага само да се декарбонизира енергетскиот сектор. Исто така обезбедува исчекор во снабдувањето доволно да се електрифицира целата економија, а тоа е пресвртниот фактор за промена на климата, изјави Дејв Џонс, програмски директор на Ембер.