Астрономите веруваат дека троши количина на материја еднаква на 370 сонца годишно, што ја прави најбрзо растечката црна дупка досега / Photo: European Southern Opservatory

Астрономите открија нов квазар кој е 500 трилиони пати посветол од Сонцето, што всушност е галаксија која има активна супермасивна црна дупка во центарот. Околу него се ротира огромна маса материјал кој поради триење и гравитација се загрева до милијарди степени и создава светлина.

Црната дупка што ја напојува се вели дека е помеѓу 17 и 19 милијарди пати поголема од масата на Сонцето и расте со најголемата брзина досега видена. Квазарот, наречен J0529-4351, е оддалечен 12 милијарди светлосни години и се верува дека се формирал околу 1,5 милијарди години по Големата експлозија.

Црните дупки во квазарите трошат огромно количество материја, а рекордниот квазар, откриен од австралиски тим чие истражување е објавено во списанието Нејчер, голта еквивалент на едно сонце дневно додека влече огромни количества гас.

„Овој квазар е најнасилното место што го знаеме во универзумот“ - изјави Кристијан Волф од Австралискиот национален универзитет и главен автор на истражувањето.

Ротирачкиот диск со гас околу црната дупка што емитира рекордни количини на енергија, истражувачите го споредија со космички ураган. Кога квазарот првпат бил забележан во 1980 година, се верувало дека е ѕвезда, но бил прекласифициран по набљудувањата во Австралија и пустината Атакама во Чиле, каде е сместен телескопот „Многу голем телескоп“ (ВЛТ) .

Астрономите веруваат дека троши количина на материја еднаква на 370 сонца годишно, што ја прави најбрзо растечката црна дупка досега, велат од Европската јужна опсерваторија.

„Во однос на осветленоста и веројатната стапка на раст, J0529-4351 е најекстремниот познат квазар“ - тврдат научниците.

Супермасивните црни дупки во центрите на галаксиите сè уште се мистерија и не е познато како се формираат.

Помалите црни дупки се создаваат по колапсот на јадрата на масивните ѕвезди и можат да станат поголеми ако се судрат со други црни дупки со ѕвездена маса, но супермасивните црни дупки се преголеми за овој процес.

TRT Balkan / агенции
Популарни