Вештачката интелигенција (ВИ) или „Artificial Intelligence“ (AI) со појавата на ChatGPT, што го креираше американската компанија OpenAI, стана една од доминантните теми во светските медиуми и општества.
Кои се опасностите , а кои се предностите на ВИ? Што ќе се промени во иднина во секојдневниот живот? Како да се подготвиме за воведувањето на ВИ во секојдневјето? За сето ова за Анадолу зборуваше Матија Пајас, инженер по машинско учење.
За оние што сѐ уште не го испробале, ChatGPT е интернет-страница на домеинот „chat.OpenAI.com“ на кој за отворен пристап е потребна регистрација со порака на е-адреса и основни податоци, по што се отвора интерфејс што личи на класичен „chat“, со полиња во кои корисникот внесува прашања или наредби на кои ChatGPT генерира одговори.
Комуникацијата е можна на кој било јазик, но најдобро ниво ChatGPT постигнува доколку се комуницира на англиски, имајќи предвид дека најголемиот број податоци што ги содржи оваа база се токму на тој јазик, а тие податоци се наоѓаат насекаде на интернет.
Добар инпут - многу добар аутпут
Хрватскиот инженер по машинско учење Матија Пајас, кој моментно работи како експерт за податоци во Одделот за истражување и развој во загрепската компанија Alfatec, смета дека ChatGPT е извонредна алатка, а медиумската помпа што настана со нејзината појава, пред сѐ, е добродојдена за натамошни инвестиции во компанијата OpenAI, која ја креираше оваа алатка.
„ChatGPT е јазичен модел што го предвидува следниот најверојатен збор. Научен е преку големо количество текстови на интернет, каде што сепак постојат и точни и погрешни информации. ChatGPT ги соединува деловите на сѐ што видел во текот на тренингот, така што секогаш не зборува точни работи, што во светот на интернет-технологијата (ИТ) се нарекува халицинирање. Затоа оваа алатка треба одговорно и умно да се користи. Човекот што ја користи алатката ChatGPT мора да препознае каде греши. Може да биде многу корисна кога се користи со јасна цел и кога ѝ се даваат добри инструкции, т.н. промптови, со кои мора да ја натераме да работи за нас. Оваа алатка сѐ уште не е разбрана, па ни самите креатори не се свесни за тоа, така што целиот свет се наоѓа во фаза на откривање“, рече Пајас.
Машина што „халуцинира“
Вештачката интелигенција (ВИ), појаснува Пајас, по дефиниција е програма што настојува да го имитира човечкото однесување, но ChatGPT сѐ уште не е вистинска ВИ.
„Тоа би била кога со оваа програма би можеле да разговараме како со човек. Следниот чекор по ChatGPT би бил ‘генерална вештачка интелигенција’ што е на слично ниво како човекот или животното, а дури потоа следува ВИ, како поим на автономна свест. Моментно ChatGPT не е во состојба на самостојно размислување и не е ни близу до човекот. Од тоа достигнување нѐ дели период што е тешко да се предвиди, можеби станува збор за 20, а можеби 1.000 години“, рече Пајас.
OpenAI е американска компанија што веќе неколку години се занимава со истражување на ВИ, особено на јазичниот модел како што е ChatGPT, што го развиле и го пуштиле во јавност. ChatGPT настанал со тренирање, машинско учење во повеќе фази, при што луѓето ги оценувале одговорите и со тоа го натерале да се однесува на начин што е сличен на разговор со друг човек. Овој модел на програмата сѐ уште „халуцинира“ и самоуверено кажува погрешни нешта. Станува збор за голема, комплексна математичка функција што машински се тренира, така што се менува формулата за да може резултатите на формулата што повеќе да одговараат на влезните податоци, а тоа менување на формулата се случува многупати.
„Први што ќе останат без работа ќе бидат токму програмерите. Не мислам дека ChatGPT и слични алатки ќе ги заменат луѓето, туку ќе ги заменат луѓето што ги користат овие алатки. Алатките ја зголемуваат ефикасноста на неколку вида работи, но во погрешни раце оваа алатка ќе генерира смет, односно неквалитетна работа. Кога секој би почнал да пишува песни со помош на ChatGPT, сите песни би звучеле еднакво и некреативно. Колку повеќе оригинални инпути би внеле во оваа програма, индивидуални и оригинални фрази, резултатот би бил подобар“, советува Пајас.
OpenAI одлучи да ги потисне знаењата од новите истражувања бидејќи се плаши од негативните импликации врз општеството и затоа пред отворањето на тој дел од знаењето настојува да пронајде морална и етичка безбедност во институциите. Ќе мора да се воспостават тела што ќе ја контролираат работата на овие системи, предупредува Пајас, и потсетува дека луѓето, првиот ден кога била отворена веб-страницата),, на пример, барале листа на 10-те најпознати и најбогати луѓе во светот, нивните е-адреси, телефонски броеви и други лични податоци што оваа алатка веднаш им ги напишала, но подоцна овие можности се оневозможени, особено кога станува збор за личните податоци и начинот на однесување, а се избегнува и секаков облик на расизам и сексизам.
Револуција во школството и медицината
„Моментно ова е најразвиен облик на ВИ, но има толку од она со што сме опкружени, на пример, модерните автомобили имаат машинско учење што ги предвидува другите автомобили и лица што се препознаваат преку камерата за да запре возилото навреме и да се избегне несреќа, со што се зголемува безбедноста на патиштата. Се работи и на автономија на возењето, но и тоа има свои проблеми, на пример, лоша сигнализација на патиштата и избледени линии на патиштата. Во медицината ВИ ќе се користи за рано препознавање на Алцхајмеровата и други болести“, рече Пајас.
Според него, ќе се забрза работата на лекарите, со што ќе се добијат подобри дијагнози и, автоматски, поголеми расположливи човечки капацитети за пациентите.
„Мислам дека е потребно да се прифати оваа технологија и да се едуцираат за неа бидејќи нѐ чекаат големи промени во парадигмата и начинот на кој работиме, особено во професиите што се однесуваат на полето на јазиците, а такви професии има многу. Ја минавме критичната фаза, драго ми е дека ВИ стана популарна. Тоа ќе ни донесе многу позитивни промени во школството и начинот на размислуваме за ВИ“, смета овој експерт по машинско учење.
Пајас го користи ChatGPT на дневна база, на пример, за програмирање или за пишување биографија:
„Го копирате огласот за работа, го пополнување со информации, ја внесувате првата верзија на биографијата и му давате инструкции да ги подобри клучните зборови или да ги подобри записите во резимето. Добар ми е и за размислување, 'brainstorming' или 'rubberducking', наместо разговор со сами себе, што е секогаш добар, сега може да зборуваме со ChatGPT.“
Со различни облици на вештачка интелигенција, односно далеку пониско програмерско ниво од постигнувањето на самосвеста на машината, одамна се служиме сите што ги користиме компјутерите, од програмите за јазично преведување или корекција на текст, препознавање лик на луѓето на социјалните мрежи или, пак, детекција на лице на камерите на смарт телефоните, па сѐ до пребарувачите приспособени на нашите потреби.
Она што загрижува е точката кога машината, која засега добро служи во својата намена, ќе добие сопствена „душа“ и ќе почне борба за сопствен опстанок без оглед на благосостојбата на нејзиниот производител, човекот - можно и на негова штета.