Земјотресите се едни од најстрашните природни непогоди кои убиваат илјадници луѓе низ светот. Според Националниот информативен центар за земјотреси на САД, годишно има околу 20.000 земјотреси ширум светот или приближно 55 дневно.
Во некои земји како Јапонија земјотресите се секојдневие, но сепак луѓето стравуваат од оние најсилните, разорни земјотреси. Научната јавност отсекогаш барала начин како да ги предвиди со цел да може да се спасат што е можно повеќе човечки животи.
Еден од нив е Ирачанецот Хусеин Абдел Вахаб, машински инженер по професија, кој подготви прототип на сензор кој најавува земјотрес 3 минути претходно.
Вахаб, кој живее во ирачкиот главен град Багдад и кој почнал да се занимава со развој на сензор за детектирање земјотрес во 2018 година, по тригодишна работа разви уред кој дава предупредување за земјотрес 3 минути пред тој да настане.
Сензорот за земјотрес, кој бил презентиран на повеќе натпревари и е освојувач на дипломи во Ирак, за првпат е изложен надвор од матичната земја на ТЕХНОФЕСТ ЦРНО МОРЕ кој се одржува под раководство на Фондацијата на Техночошки тим Туркије (Т3) и турското Министерство за индустрија и технологија.
Вахаб изјави дека голем број луѓе ги изгубиле животите во катастрофите предизвикани од земјотресите кои се случиле во различни земји во различни периоди.
Потенцирајќи дека е многу важно да се добијат информации за земјотресот секунди пред тој да настане за да се сочуваат човечките животи, Вахаб истакна:
„Го донесовме прототипот на сензорот за земјотреси на ТЕХНОФЕСТ во Туркије. Постојано го развиваме прототипот на сензорот работејќи на негово подобрување. Многу е важно тој да алармира 3 минути пред земјотресот.“
Подвлекувајќи дека илјадници животи би биле спасени доколку населението биде информирано пред да настане земјотресот, Вахаб продолжи со зборовите:
„Бидејќи нашиот сензор за земјотрес е мал уред, тој би можел да се постави во одреден дел од секоја зграда. На тој начин, луѓето кои живеат во зградата би можеле да бидат информирани за земјотресот неколку минути претходно и би се евакуирале од своите домови.“