Фејсбук најави дека на почетокот на декември ќе ја укине својата „секција“ за вести во Велика Британија, Франција и Германија и ќе се фокусира на кратки видео содржини.
Одлуката е донесена во согласност со стратегијата на Фејсбук за насочување на ресурсите во области од поголем интерес за корисниците, тврдат од компанијата.
Корисниците ја посетуваат платформата првенствено за социјални врски и истражување на интереси, а не за вести и политички содржини, нагласуваат тие.
Според Фејсбук, информативната содржина има помалку од три проценти од прегледите на платформата на глобално ниво.
Промената нема да влијае на другите производи и услуги на Мета во Британија, Франција и Германија и корисниците сè уште ќе можат да пристапуваат до написите од вести преку споделени врски.
Европските издавачи ќе го задржат пристапот до нивните Фејсбук сметки и страници, кои им овозможуваат да објавуваат линкови до содржината и да ги насочуваат корисниците кон веб-страниците.
Тие исто така можат да користат производи како Рилс и системот за рекламирање за да допрат до поширока публика и да го задржат целиот приход од надворешните врски.
Фејсбук ќе ги почитува договорите со издавачите во Велика Британија, Франција и Германија додека не истечат, но не планира да склучува нови за објавување на вести на Фејсбук Њуз.
Тие исто така посочуваат дека не подготвуваат нови производи специјално прилагодени на издавачите на вести, истакнувајќи во исто време дека ќе истраат во поврзувањето на корисниците со веродостојни информации.
Компанијата работи со независни „проверувачи на факти“, сертифицирани од Меѓународната мрежа за проверка на факти, во анализата и проценката на потенцијалните вирусни дезинформации во нејзините апликации, велат тие.