Новите „Квест Про“ очила за ВР ќе чинат 1.500 долари     Фото: Reuters

Марк Закерберг досега потроши десетици милијарди долари за развој на метаверзумот, нова генерација на интернет каде ќе се спојат виртуелниот и реалниот свет, а следниот чекор кон таа визија е вчерашната промоција на новиот уред „Квест Про“ (Quest Pro) наменет за бизнис корисниците.

Новите Quest Pro очила за виртуелна реалност (ВР) ќе чинат 1.500 долари и со таа цена се наменети пред се за компании, истражувачки центри и по некој фанатик за метаверзумот.

Од една страна нудат најмоќен хардвер споредено со било кој друг ВР уред, но и многу нови апликации за водење бизнис, дизајн, архитектура и финансии во соработка со компании како Мајкрософт чии сервиси ќе бидат директно достапни преку платформата на Мета (Meta).

Исто така овие ВР апликации ќе може целосно да го искористат потенцијалот кој го ставаат на располагање софтверските инженери на Мета.

За редовните корисници кои ги имаат поевтините очила на Окулус, компанија ќерка на Мета, засега нема нови услуги или производи, но ќе имаат можност да видат што ги очекува во иднина.

Планот на Закерберг е опциите кои ќе бидат понудени во премиум сегментот понатаму да го најдат патот и до понудата со виртуелна реалност за широката потрошувачка во апликациите Horizon Worlds и Horizon Workrooms.

Засега првичните реакции од тестовите се дека визуелното искуство со новиот Quest Pro е многу подобрено, како и контролите, следењето на очите, експересиите на лицето и движењето, но и натаму очилата, особено со нивната тежина и врзувањето на ременчињата на тилот, не се идеални за предолга употреба бидејќи се можни вртоглавици и главоболки.

Закерберг речиси целиот потенцијал на компанијата, која ја преименува во Мета пред една година, го „обложува“ во метаверзумот, просторот во кој очекува луѓето да поминуваат се повеќе време, интегрирајќи ги апликациите за работа, забава, гејминг и комуникации на едно место, и опкружувајќи го физичкиот свет на корисниците со содржини од т.н. „мешана и засилена реалност“.

Сепак, и да се обезбедат најидеалните технолошки услови за целосна „имерзија“, односно внесување, во свет кој е спој на виртуелното и физичкото и натаму останува под знак прашалник колку метаверзумот им дава гаранции на инвеститорите дека ќе биде следниот технолошки бум и нов начин на поврзување кој ќе стане вообичаен дел од секојдневните животи.

Се проценува дека „Реалити Лабс“, фирмата ќерка на Мета задолжена за проектот метаверзум, годишно губи околу 10 милијарди долари. Тој влог ќе се зголемува се повеќе се додека компанијата не започне да создава приходи кои ќе им гарантираат сигурна иднина на инвесторите, а со тоа и позицијата на Закерберг како алфа и омега на Мета.

TRT Balkan / агенции
Популарни