Знаете ли што е метаверзум? Метаверзумот се повеќе се воспоставува во секојдневните поими кои ги користиме за технолошките трендови, но според последните истражувања над 60% од корисниците или не се запознаени со терминот, или не знаат каква иновација претставува, се вели во извештајот „Влез во метаверзумот“ на консултантската куќа Вундерман Томпсон.
Прифаќањето на нови технологии подразбира и запознавање со нови термини и нивно значење кои произлегуваат од тесна група на луѓе кои работат на нивен развој. Во оваа фаза неколку клучни термини доаѓаат од „кујните“ на софтверските инженери и технолошките иноватори.
Засега сѐ уште е рано да се говори за терминологија со жаргони од страна на корисниците, како што на пример беше со новите трендови во изразите кога се појавија социјалните мрежи.
Тоа за почеток ги прави работите доста комплицирани и сложени, па многумина ќе бидат неспремни за револуцијата со виртуелната реалност.
Нови термини, нови светови
Метаверзумот е цел нов свет, создаден во дигиталниот простор, кој ќе биде виртуелно дополнување на реалниот свет. Тоа подразбира и претопување на дигиталните услуги кои ги користиме во една сосема нова средина, каде важат поразлични правила од досегашната употреба на интернетот.
Затоа како за корисниците, така и за инвеститорите, програмерите, претприемачите, но и општата јавност е многу важно навремено и точно да се информира „за што се зборува во метаверзумот“.
Неколку термини како ВЕБ 3.0, НФТ, ДАО и други се стриктно технички и означуваат нови технологии и алатки.
ВЕБ 3.0 се однесува на следната генерација на интернетот која ќе ја надмине мултимедијалноста на веб порталите и способноста на социјалните мрежи за поврзување со нови алатки и практично целосно нова интернет инфраструктура која во позадина ќе ја уредуваат програмерите, а „лицето“ и начинот на употреба ќе бидат важни за директните корисници.
НФТ се непреносливи токени кои покажуваат сопствеништво над одредено дигитално средство, што може да биде уникатна уметничка колекција со потврден дигитален запис. На пример секој може да направи копија од Мона Лиза, но вистински сопственик е Лувр. Така и со дигиталните дела, секој може да ги копира, но преку НФТ токените се определува вистинскиот сопственик на делото или средството. НФТ токените ќе бидат многу присутни во метаверзумот како начин на претставување на корисниците, но и онлајн трговија и шопинг.
ДАО кратенката се однесува на „дигитални автономни организации“ кои се базираат на блокчејн технологија. Главната идеја е дека управувањето со сите процеси, без оглед дали се за комерцијална или непрофитна идеја, се водат децентрализирано, без потреба од посредници и контролни центри.
Технолошка трансформација и економски бум
Со метаверзумот се прогнозира дека ќе се создаде цел сет на нови економии околу индивидуалните корисници, гејмерите, професионалците, како и бизнис секторот. Компаниите кои први ќе ги трансформираат традиционалните бизнис модели преку ВЕБ 3.0 алатките имаат шанси за зголемување на профитите и освојување нови пазари.
За комерцијална употреба не смее да го изоставите терминот „дигитални близнаци“ кој може драстично да го промени вашиот бизнис.
Дигитални близнаци има специфично значење и не може да се преведе во буквална смисла и не, не се однесува на некој што има идентичен профил како вашиот.
„Дигитален близнак е виртуелен модел на процес, производ или услуга. Ова спарување на виртуелниот и физичкиот свет овозможува анализа на податоците и системите за следење да ги отстранат проблемите уште пред да се појават, да се спречи застојот, да се развијат нови можности, па дури и да се планира иднината со користење на симулации“, вака го опишува Акаш Такјар главниот извршен директор на софтверската компанија „Ливеј Херц“.
Со дигиталните близнаци на системи и објекти во метаверзумот ќе може да се вршат контроли и поставување модели на управување на нивните физички копии во реалниот свет, од индустријата, машинството, медицината, сообраќајот и многу други комерцијални и административни области.
Ова се само дел од новите клучни термини и алатки врз кои се гради метаверзумот чија инфраструктура целосно ќе ги промени начините на поврзување, забава, гејминг и водење бизнис.