Ајвер (eyewear), но да не се помеша со еден од термините за познатиот балкански деликатес, може да биде новиот главен технолошки тренд. Прашање е дали корисниците се навистина „гладни“ за уреди кои ќе треба постојано да ги носат на нивната глава.
Нешто над 250 милиони евра биле потрошени во 2021 година за паметни очила. Сумата е далеку од импресивна, ако се спореди со вредноста на било кој друг технолошки уред, но продажбата се очекува да расте и да достигне над милијарда веќе во 2027 година.
Враќањето од заборав на паметните очила ќе биде тесно врзано со лансирањето на метаверзумот, новиот дигитален простор каде корисниците ќе се поврзуваат преку виртуелни аватари.
И токму тука доаѓа најверојатно одговорот на прашањето дали корисниците ќе бидат „гладни за ајвер“. Паметните очила како попрактични и поедноставни уреди би биле подобро решение отколку гломазните очила за виртуелна реалност, кои се тешки, не се идеални за долготрајна употреба од повеќе часа во еден ден и притоа се прилично скапи поради напредниот хардвер.
Промашената револуција на Гугл
Гугл на почетокот на втората декада од овој век замислуваше технолошко опкружување во кое сите ќе носат паметни очила за полесно да се поврзат на интернет и да користат алатки од портфолиото на Андроид. Но, нивните смарт очила беа лошо дизајнирани, чинеа дури 1.500 долари, батеријата им траеше само три часа, а многумина станаа параноични дека некој ќе може постојано да ги слика или снима со вградената камера.
Набрзо „Гугл Глес“ беа забранети во рестораните во САД, а се случија и неколку напади на нивни корисници, најмногу од страв за нарушена приватност. Но, Гугл никогаш не бил хардверска компанија и токму таа слабост планираат да ја експлоатираат компании како Мета и Епл.
Во меѓувреме концептот за уред кој се носи на главата се покажа и неуспешен и со обидот на Снапчет, тогаш една од најпопуларните социјални мрежи која беше главна опција на младата популација.
Нивните „Спектаклес“ или очила за „набљудување“ исто така се покажаа како голем неуспех.
Со нив корисниците можеа да снимаат кратки видеа и директно да ги објавуваат како визуелни приказни на социјалната мрежа, но и со „шик“ дизајнот и пристапната цена не беа доволно технолошки напредни за успех на пазарот.
Но, најмногу овие очила пропаднаа поради нивната дискутабилна корисност. Ниту Гугл, ниту Снапчет не успеаја да покажат каков проблем или потреба на корисниците се решава со паметните очила, што сега со метаверзумот и гломазните ВР уреди ќе биде вистинска потреба на корисниците.
Само за вашите очи
Метаверзумот засега е како нов мегалополис кој мистериозно, но агресивно се гради, иако неговите порти за широката популација се затворени. Речиси сите технолошки гиганти ќе имаат свој „кварт“ или подобро кажано елитна населба во метаверзумот, а градат и модни и потрошувачки брендови за потоа да „продаваат“ виртуелни производи или услуги.
Но, за да ги привлечат новите жители на метаверзумот, брендовите ќе мора да им обезбедат соодветен „превоз“. Метаверзумот ќе се потпира на целосно вклучување на корисникот, што значи дека неопходни ќе бидат некаков вид на очила.
ВР уредите се засега најсигурен облог за тоа како ќе се развива индустријата, но не треба да се потценат ниту напредни технолошки очила кои ќе изгледаат идентично како и стандардните очила, со лесни рамки за носење и тенки стакленца.
Во изминатите години технолошките гиганти комбинирано потрошија над 10 милијарди долари во ловот на мали стартапи кои развиваат уреди за виртуелна и засилена реалност (АР), што значи дека се „обложуваат“ на големо дека во иднина ќе им се вратат инвестициите. Тука спаѓа и Гугл кој поучен од грешките во минатото не е подготвен целосно да се откаже од ајвер сегментот.
Но, најголеми џокери во рацете најверојатно поседуваат Мета со амбициите на Марк Цукерберг и соработката со „Рејбан“ и особено Епл, кој од „мини ајпадот“ нема лансирано нова категорија на производ веќе со години наназад.
Перфекцијата на дизајнот на хардверот се очекува да донесе смарт очила во премиум класата со цена меѓу 1.000 и 1.500 евра, а покрај инженерското усовршување на рамките и стакленцата со microLED технологија се очекува и идеално поврзување со софтверскиот еко-систем на „јаболкото“ кој ќе значи официјален влез на компанијата во метаверзумот.
Смарт очилата ќе бидат клучни за долготраен престој во метаверзумот, и претпопување на виртуелното со тоа што го гледаме пред нас со сопствените очи. Контролата над содржината ќе се врши најверојатно со „поглед“, но и со екстерни контролери, а притоа ќе може да се оди по улица, на работа, на концерт или при играње видео игри, и да се води интеракција како со надворешниот, така и со виртуелниот свет.