Роботи служат кафе, управуваат со компјутери, роботи што водат цели фабрики, автономни возила кои се движат без возачи… Вештачката интелигенција ги менува човечките животи. Ова се само дел од придобивките на технологијата на кои човештвото им се восхитува и кои се користат во секојдневието со цел производството да се забрза, но и да се направи поефикасно и поевтино.
Сепак, во страв од непознатото и неизвесноста, јавноста неретко отвара и дебати за негативните последици што ги носи вештачката интелигенција.
Што значи вештачката интелигенција за човештвото?
Вистинската вештачка интелигенција (ВИ) би можела да значи крај на човештвото. Ова е ставот кој често во јавноста го изнесува познатиот иноватор и претприемач Илон Маск.
„Светот со вештачка интелигенција повеќе би бил дистопија отколку утопија. Имам увид во најновата вештачка интелигенција и мислам дека луѓето навистина би требале да се загрижат за тоа. Постојано предупредувам, но додека луѓето не ги видат роботите како одат по улица и убиваат луѓе, не знаат како би реагирале бидејќи тоа им делува толку нестварно“, смета Маск.
Со оглед дека вештачката интелигенција е актуелна на денешницата, експертите нагласуваат дека ризиците кои ги носи, треба да се решат токму сега, затоа што општеството се повеќе станува зависно од технологијата.
Голема доза на загриженост постои поради податоците што ги користи вештачката интелигенција, а тие се однесуваат на лична идентификација, но и во делот на податоците на луѓето за нивната економска сосотјба, финансиите, како и за здравството.
Од друга страна, сосема отворено веќе се говори и за консеквенците на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот, во прв ред, дека таа има потенцијал да ги остави луѓето без работни места.
Едно од експертските мислења е и дека како од страна на општеството, така и од владите треба да постои подготвеност за она што технологијата ќе го донесе и да се предвиди влијанието на технологијата врз индустриите и општеството. Особено важно се нагласува законското регулирање на вештачката интелигенција.
За многумина непознат развојот на ВИ
Развојот на вештачката интелигенција е во најголем дел непознат, бидејќи и покрај големото ширење на интернетот и развојот на мобилните телефони и понатаму речиси 50 отсто од светската популација не користи интернет, а и повеќето од оние кои го користат интернетот за вештачката интелигенција знаат малку.
Развојот, на вештачка интелигенција со децении наназад, помеѓу другото, го следат воглавно и негативни и застрашувачки слики во популарната култура, од што секако влијае врз перцепцијата на тој развој.
Страв од непознатото
Како што појаснуваат познавачите на кибер културата, стравот се зголемува како јакне развојот во рамките на тоа подрачје, но и како се шири примената во секојдневниот живот. Специфично за западната култура е исто така неодоливата желба за создавање и страв дека стореното нема да можеме да го контролираме.
Со сите грижи кои ги носи вештачката интелигенција, се спомнува и нејзината достапност на луѓето. Во случај доколку таа не биде достапна за повеќето, речиси несомнено е дека ќе дојде до создавање на нов јаз, односно дигитален јаз или дигитална поделба.
Познатиот канадски автор Артур Крокер предупредува на јаз помеѓу „виртуелната класа“ и „класата на вишокот“. Прват класа ја сочинува малцинство, кое успеало да се снајде во контекст на забрзаниот технолошки развој, а другата ја сочинува мнозинството, кое е потполно непотребно, односно вишок.
Од друга страна, има и мислења според кои вештачката интелигенција може да и помогне во поглед на екологијата глобално, затоа што енергетските системи ќе бидат еколошки поефикасни.
Иако вештачката интелигенција дава големи можности за решавање на еколошките предизвици на Земјата, извештајот на иницијативата Четврта индустриска револуција за Земјата на Светскиот економски форум предупредува дека доколку не се насочува, таа има и способност да забрза пропаѓање на околината. Со оглед дека технологијата еволуира, ќе биде потребно да се разбере нејзината примена врз околината за да се искористи можноста која ја овозможува за Земјата, со остовремена проценка на потенцијалните ризици и развојот на пристапот за нивното ублажување.
Има ли решение?
Решението е во наоѓање начини за минимизирање на опасната страна на вештачката интелигенција, а притоа зголемување на придобивките на општеството.
Владата и предводниците на секторот, според горенаведениот извештај, мора да обезбедат механизми со кои ќе покажат дека прашањата за одржливост ќе се интегрираат во подрачјата на безбедноста, транспарентноста и управување со вештачката интелигенција.