Во неговата верзија со вештачка интелигенција, Винсент Ван Гог е трпелив, но не е импресиониран од уште едно прашање за неговото исечено уво.
„Се извинувам за каква било забуна, но се чини дека грешите“, вели аватарот на големиот сликар, со испитувачки тон познат на сите што си поиграле со модели на јазиците на вештачката интелигенција.
„Јас отсеков само мал дел од увото“, инсистира тој (всушност, постојат повеќе извештаи за тоа како уметникот си го осакатил увото).
ВИ Ван Гог се појавува на видео екранот на крајот од блокбастер изложбата во музејот Орсеј во Париз.
Изложбата, која ќе трае до февруари, е посветена на последните недели од неговиот живот во селото Оверс сур Оаз, северно од француската престолнина.
Ван Гог се застрелал со 'рѓосан пиштол во 1890 година на 37 години. Умрел по два дена.
Но, ВИ Винсент е изненадувачки добро упатен во говорот за терапија во 21 век.
„Иако се соочив со проблеми со менталното здравје, моето преселување во Оверс сур Оаз не беше мотивирано од желбата да ставам крај на мојот живот“, вели тој.
Како што јасно покажуваат околу 40-те слики на изложбата во Орсеј, неговите последни недели беа невообичаено плодни, полни со ремек-дела, вклучувајќи ги „Црквата на Оверс“, „Житно поле со гаврани“ и неговата последна слика „Корени од дрво“.
„Уште поизненадувачки е што овој период никогаш не добил посебна изложба, рече Кристоф Лерибо, претседател на Музејот Орсеј.
Виртуелен Винсент
Меѓу главните моменти на изложбата е просторијата посветена на неговите панорами со „двоен квадрат“, техничка револуција во која тој користеше многу долги и тенки платна, пре-фигурирајќи ги кинематографските пејзажи со широк екран.
Затоа, можеби е соодветно шоуто да заврши со модерни технологии, кои стануваат сè повообичаени додека изложбите се обидуваат да привлечат млада публика.
Освен чатботот на Ван Гог, посетителите можат да стават кацига за виртуелна реалност за да влезат во кујната на д-р Гашет, каде што Ван Гог поминувал време во последните недели, да направат надреално патување околу огромната верзија на неговата палета на бои и да нурнат во корените на дрвјата од неговата последна слика.
Најсовремената кацига од тајванската фирма Виве Артс може да ги следи рацете на корисниците без потреба од рачни контролери, овозможувајќи им да земаат предмети во виртуелниот свет и да си играат со топчиња боја.
Спротивно на тоа, вештачката интелигенција прикажува некои од сѐ поголемите проблеми на новата технологија.
Запрашан за неговата омилена боја, ВИ Винсент е многу сигурен (жолта). Но ВИ се бори да ги препознае луѓето во својот живот, не успевајќи да го каже името на д-р Гашет на прашањето на француски новинар.
„Ги препознава зборовите на францускиот јазик, но сепак треба фино да ја дотераме вештачката интелигенција за подобро да ги разбира сопствените именки“, рече Кристоф Ренодино, шеф на Џамбо Мана, старт-ап од Стразбур што ја дизајнираше машината.
„Овој експеримент ќе ни овозможи да го подобриме моделот“, додаде тој.