Нови беспилотни летала, концепти на футуристички автомобили, ракети, сателити, роботи и вештачка интелигенција се само дел од програмата на шестдневниот фестивал Текнофест кој започна во градот Самсун на Црното Море во Туркије.
ТРТ Балкан ви презентира пет факти што треба да ги знаете пред да го посетите фестивалот.
Што може да видите?
Фестивалот се одржува на аеродромот Самсун Карсамба од Фондацијата Турски технолошки тим (Фондацијата Т3) и Министерството за индустрија и технологија на Туркије. За време на шестдневниот настан ќе се изведувааат воздушни шоуа со воени авиони, беспилотни летала и хеликоптери, како и семинари, самити и натпревари .
Натпревар во 40 категории
За време на фестивалот ќе има технолошки натпревари во повеќе од 40 различни категории, вклучувајќи полуспроводници, сателити, ракети, роботика и вештачка интелигенција и многу друго.
Технологија за мир
Селџук Бајрактар, претседател на Фондацијата Т3, на церемонијата на отворањето изјави дека посилните земји често ги угнетуваат послабите, додавајќи дека неговата цел е да донесе правда и мир во светот во кој е задолжителен развој на напредна технологија.
„Болката на Босна, Карабах и Палестина, каде што целиот Запад сврте грб, сè уште е свежа во нашите срца“, рече тој.
Бајрактар зборуваше и за уништувањата на Ирак и Авганистан со цел да се „донесе демократија“.
„Во нашиот северен сосед Украина, жените и децата продолжуваат да се убиваат пред очите на целиот свет“, додаде тој.
600.000 пријавени
Мустафа Варанк, турскиот министер за индустрија и технологија, рече дека речиси 600.000 луѓе се пријавиле да бидат дел од натпреварите на настанот, а 5.252 тима преминале во последната фаза.
Награда од 550.000 долари
Победниците ќе бидат наградени со вкупно 10 милиони турски лири (550.000 долари), додаде тој.
Варанк рече дека нивните напори се важни за технолошкиот развој и иднината на Туркије.
Исмаил Демир, шеф на Претседателството на турската одбранбена индустрија, рече дека земјите не можат да бидат моќни на полето на одбраната без напредок во технологијата.
Присутните на настанот се префрлени од центарот на градот со електрични автобуси од домашно производство.
Минатата година настанот се одржа на аеродромот Ататурк во Истанбул, додека неговата прва меѓународна верзија се одржа во Баку, Азербејџан овој мај.