Виртуелната реалност (ВР) до крајот на годинава се очекува да вреди нешто над 50 милијарди американски долари. Но, еден од главните катализатори на раст, покрај комерцијалниот сектор, се очекува да биде авијацијата и одбраната.
До крајот на деценијата се проценува дека 50 милијарди долари за виртуелна реалност ќе се вртат само во воената примена на оваа возбудлива нова технологија.
Вкупно вредноста на ВР индустријата до 2030 година се проценува дека ќе изнесува околу 500 милијарди американски долари, смета аналитичката куќа „Валуејтис Рипортс“.
Со ВР во борба
Дроновите веќе не се предмет на научна фантастика, па така суровата реалност на војната во Украина покажа дека се неизоставен нов аспект на модерното војување. Следен чекор во трката за вооружување и борбена подготвеност се очекува да биде преку иновации во виртуелната реалност.
ВР технологијата до 2030 година ќе расте како во обемот на примена во воената индустрија и авијацијата, така и во обезбедување на тактичка и стратешка предност во однос на непријателот. ВР иновации веќе ги прават првите чекори во обука на војници, телемедицина за третирање на ранети војници од далечина, како и таргетирање и навигација.
Тука спаѓа и „мешаната реалност“, односно комбинација на виртуелна и пренесена реалност (АР) која може рапидно да ја зголеми тактичката подготвеност на армиите.
Со приказ на АР информации во вграден хедсет во војничкиот шлем, на трупите ќе им се прикажуваат во реално време бројни информации кои може да бидат клучни за тактичко надмудрување на непријателот.
На пример преку АР очилата може да се добијат информации за околината, условите на теренот, локација на непријателот, негово движење и распореденост и зголемување на прецизноста на оружјето.
Уметноста на „виртуелното“ војување
Во пресметките за пазарната вредност на ВР и АР технологии за авијација и одбрана влегуваат пред се комерцијалните продукти. Такви се на пример виртуелни стимулатори за обука на пилоти, обуки за стрелаштво, рапидно распоредување и брз одговор на непредвидливи ситуации со реален приказ на експлозии, ранети соборци и вмешаност на цивилно население.
Сепак, освен продуктите на комерцијалниот сектор тука се и проектите со врвно ниво на доверливост и тајност кои ги спроведуваат одделите за истражување и развој на најмоќните армии на светот, чии буџети тешко може да се проценат како посебна ставка за ВР и АР проекти.
Тоа што е сосема извесно е дека, со виртуелните визуелни технологии сосема ќе биде изменет пристапот кон војувањето и воената филозофија, за што се создава и огромен простор за навлегување на претприемачите.
Се смета дека снабдувачите од стартап еко-системот на воениот сектор годишно заработуваат стотици милиони долари, што преку сопствени иновации кои се развиваат со финансии од војската, што преку надворешни консултантски ангажмани.