Екипажот на „Поларис доун“ на СпејсИкс се враќа на Земјата / Photo: AA Archive

Екипажот на „Поларис доун“ на СпејсИкс вчера безбедно се врати на Земјата, завршувајќи ја револуционерната петдневна мисија во рамките на која се реализира и првата комерцијална вселенска прошетка, објави приватната компанија СпејсИкс.

Капсулата Кру Драгон, која ги пренесуваше командантот на мисијата Џеред Ајсакман, поранешниот пилот на Американските воздухопловни сили, Скот „Кид“ Потет и инженерите на СпејсИкс, Ана Менон и Сара Гилис, слета во Мексиканскиот Залив вчера во 3:37 часот по средноевропско време, близу брегот на Драј Тортугас, во Флорида.

Мисијата „Поларис доун“ постигна неколку пресвртници - достигнување на досега најголема височина од 1.400 километри од Земјата, со што го надмина рекордот на Џемини 11 од 1966 година.

Оваа мисија, исто така, означи патување во највисоката орбита што досега го имаат реализирано луѓето од завршувањето на програмата Аполо на НАСА во 1972 година. Гилис и Менон станаа првите жени што достигнаа толкаво растојание од Земјата.

Најзначајниот момент на мисијата беше историската вселенска прошетка спроведена од Ајсакман и Гилис рано утрото во четвртокот. Оваа приватна вселенска прошетка, или активност надвор од леталото, беше прва од ваков вид.

„Дома сите имаме многу работа за завршување, но оттука - изгледа како совршен свет“, рече Ајсакман по вселенската прошетка.

Капсулата „Кру Драгон“ изврши успешно навлегување во Земјината атмосфера, издржувајќи температури до 1.900 Целзиусови степени.

За време на мисијата, екипажот спроведе речиси 40 научни експерименти, вклучително и истражување за синдромот на адаптација во вселената. Гилис, исто така, го искористи Старлинк на СпејсИкс за стриминг на виолинска изведба на Темата на Реј од „Војна на ѕвездите: Моќта се буди“.

Менон ја читаше својата книга „Бакнежи од вселената“ за децата во детската болница „Сент Јуда“.

Оваа мисија е дел од програмата Поларис на СпејсИкс, која има за цел да ги помести границите на приватното вселенско патување.

Успехот на „Поларис доун“ ја постави основата за идните мисии, меѓу кои и уште еден лет на Кру Драгон и очекуваниот прв пилотиран лет на ракетата Супер хеви-Старшип на СпејсИкс.

AA
Популарни