За прв пат човечко летало планирано се судри со астероид     Фото: Reuters

НАСА никогаш не била толку радосна за уништување на едно вселенско летало. Овој пат, тоа беше целосно планирано. ДАРТ се судри со парче од кластерот астероиди Дидимос за да собере податоци симболично порачувајќи дека постои метод за спречување на катастрофални судири кои може да ја уништат Земјата.

ДАРТ по поминати 10 месеци лет, преку наведување управувано од лабораторијата за примената физика „Џон Хопкинс“ во Мериленд, заврши на површината на Диморфос, помалиот астероид од кластерот со дијаметар од 160 метри.

„Во својата основа ДАРТ претставува невиден успех за планетарната одбрана, но исто така и мисија на единство со заедничка корист за целото човештво. Како што НАСА го истражува космосот и нашата матична планета, исто така работиме и на заштита на тој дом, и оваа меѓународна соработка која научната фантастика ја претвори во научен факт демонстрираше еден од начините за заштита на Земјата“, истакна Бил Нелсон директорот на НАСА.

Слика од приближувањето на ДАРТ кон Дидидмос кластерот на астероиди     Фото: NASA

Што е целта на ДАРТ?

Со првиот судир на летало и астероид предизвикан од човекот се очекува научниците да откријат многу податоци за начинот на кој може да се поместуваат и наведуваат астероидите.

Се верува дека пред 65 милиони години токму огромен астероид бил фатален за диносаурусите кои биле доминантен вид на планетата, а во таа масовна катаклизма бил уништен речиси целиот живот на Земјата. За да не се повтори „армагедон сценарио“ научниците ќе тестираат повеќе методи на одбрана на планетата.

Понатаму оваа технологија во иднина може да се користи и за експлоатација на астероиди и небесни тела богати со минерали и суровини.

Момент пред ДАРТ да се судри со Диморфос     Фото: NASA

Како дојде до „длабок удар“

ДАРТ постојано испраќаше видео материјали преку ДРАКО системот на камери пред да се судри со астероидот при брзина од над 24.000 километри на час. Потврдувајќи ја траекторијата на удар, леталото успешно беше водено кон целта, а последната слика е испратена на оддалеченост од само 6 километри или една секунда пред ударот.

Откако леталото на НАСА тешко половина тон, успешно се судри со астероидот се очекува неговата орбита да се намали за 10 минути или вкупно 1%, а потоа ќе се пресметува колку таа промена ќе се одрази на неговото движење и траекторија.

Вкупната вредност на проектот за демонстрирање на системот ДАРТ (двоен астероидски пренасочувачки тест) за планетарна одбрана изнесува 330 милиони американски долари.

Конечните резултати ќе бидат познати по околу 4 години кога заедно со проектот Хера на Европската вселенска агенција ќе завршат мерењата на кратерот и последиците кои ги остави ДАРТ.

НАСА следи околу 1.500 астероиди кои може да бидат закана за Земјата и еден од начините за нивно пренасочување ќе биде токму преку методата наречена „кинетичко поместување преку судир“. Инаку Дидимос кластерот на астероиди воопшто не се закана за Земјата и немаат курс на судир, па така не претставуваат никаква опасност.

TRT Balkan / агенции
Популарни