Кина објави тригодишен акционен план за „зајакнување на стандардите“ во новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција (ВИ).
Според официјалното соопштение, планот бил заеднички издаден од Централната комисија за прашања во кибер просторот, државната управа за регулирање на пазарот и Министерството за индустрија и информатичка технологија.
Кинеските експерти и институции ќе спроведат процес на стандардизација во областите на напредните технологии како ВИ, блокчејн, клауд компјутери, квантна информатика, компјутерско-мозочни интерфејси, нова генерација на интернет и метаверзум, се вели во соопштението.
Процесот на стандардизација има за цел „да го поттикне технолошкиот и економскиот развој и да го подобри меѓународното влијание“.
Се вели дека протокот на информации низ системот е „важен дел од националниот стандарден систем и служи како клучна поддршка за поттикнување на висококвалитетен развој“.
По 2027 година, улогата на стандардите во насочување на технолошките иновации и поттикнување на економскиот и социјалниот развој треба целосно да се реализира, што ќе доведе до значително зголемување на придонесот и влијанието на Кина во меѓународните стандарди, стои во планот.