Конкурентот на Твитер, Тредс, и официјално лансиран од Мета / Photo: Reuters

Матичната компанија на Фејсбук, Мета, официјално го лансираше Тредс (Threads), нејзината конкурентска мрежа на Твитер, јавува Анадолу.

Креирана од тимот на Инстаграм, новата апликација има цел да обезбеди платформа за онлајн разговори во реално време и споделување текстуални објави.

Според компанијата, објавите може да имаат до 500 карактери и може да вклучуваат линкови, фотографии и видеа долги до 5 минути.

„Работиме на тоа Тредс да го направиме компатибилен со отворените, интероперабилни социјални мрежи за кои веруваме дека можат да ја обликуваат иднината на интернетот“, велат од компанијата.

Во објава на Тредс, извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, истакна дека визијата на новата апликација е да создаде опција и пријателски јавен простор за конверзација.

„Се надеваме дека ќе го искористиме најдоброто од Инстаграм и ќе создадеме ново искуство околу текстот, идеите и дискусијата на вашите размислувања“, напиша тој.

Апликацијата Тредс е достапна во повеќе од 100 земји за iOS и Андроид.

TRT Balkan / агенции
Популарни