Во операцијата учествувале ФБИ, како и Франција, Германија, Холандија, Велика Британија, Романија и Латвија / Photo: Reuters

Меѓународна полициска операција ѝ стави крај на озлогласената платформа за малициозен софтвер „Qakbot“ која интензивно ја користат сајбер-криминалците во различни финансиски злосторства.

Американското Министерство за правда во вторникот соопшти дека во операцијата наречена „Лов на патки“ учествувале Федералното биро за истраги, како и Франција, Германија, Холандија, Велика Британија, Романија и Латвија.

Сојузниот обвинител Мартин Естрада рече дека акцијата против Qakbot е најзначајната технолошка и финансиска операција досега предводена од одделот против ботнет.

Терминот ботнет се однесува на меѓусебно поврзана мрежа на заразени компјутери што хакерите ја користат за ширење на вируси.

„Заедно го соборивме Qakbot и спасивме безброј жртви од идни напади“, рече тој на прес-конференција. Естрада рече дека малициозниот софтвер Qakbot заразил повеќе од 700.000 компјутери, го овозможил инсталирањето на софтверот преку кој барале откуп од жртвите и предизвикал штета од стотици милиони долари на компании, давателите на здравствени услуги и владините агенции.

Како дел од операцијата, агенциите запленија 52 сервери во САД и во странство.

58 милиони долари за откуп платени од жртвите

За прв пат откриен пред повеќе од една деценија, Qakbot најчесто се шири преку злонамерни имејлови испратени до жртвите. Инспекторите велат веруваат дека Qakbot потекнува од Русија и дека напаѓал организации ширум светот, од Германија до Аргентина.

Тие пронашле докази дека помеѓу октомври 2021 и април 2023 година, администраторите на Qakbot примиле уплати што одговараат на приближно 58 милиони американски долари за откуп платени од жртвите.

Со цел да се разбие мрежата, ФБИ соопшти дека го пренасочила интернет сообраќајот на Qakbot кон сервери контролирани од бирото кои ефикасно го деинсталирале соодветниот малициозен софтвер од компјутерите на жртвите.

Притоа, ФБИ активно отстранила малициозни датотеки од приватни системи додека не гледала или собирала никакви лични информации.

Директорот на ФБИ, Кристофер Вреј, рече дека жртвите варираат од финансиски институции на источниот брег до владин изведувачи на критична инфраструктура на Средниот запад до производител на медицински уреди на западниот брег.

„ФБИ го неутрализираше овој далекусежен криминален синџир на снабдување, отсекувајќи го на колена“, рече тој.

Популарни