Марта Димовска, првата македонска аналогна астронаутка / Фото: TRT Balkan

Мартина Димоска, првата македонска аналагона астронаутка, досега успешно заврши три аналогни мисии за вселенски истражувања, од кои на последната беше и Командир на мисија. Таа потекнува од Кичево и е првата жена од регионот со вакво научно достигнување.

Мартина на првата аналогна астронаутска мисија служеше како „Офицер за Наука“. Станува збор за мисијата UND ILMAH 14 (Integrated Lunar and Martian Analog Habitat или интегрирано аналогно живеалиште за Месечината и за Марс) во Северна Дакота, САД којашто беше поддржана од НАСА со неколку експерименти како и од Канадската Вселенска Агенција и други реномирани партнери, институти и унверзитети.

Втората аналогна астронаутска мисија APICES (Astroland Project Inside Caves for Earth-based Space Exploration) беше воспоставена од ЕСА-поддржаниот стартап ICEE Space и Аstroland Interplanetary Agency. Мисијата се одвиваше во живеалиште сместено во пештера изолирана од светот, во заштитен национален парк во Арендондо, Кантабраија во Шпанија. Примарната улога на Мартина беше Инженер на екипажот, а секундарна улога беше ‘outreach lead’. Командир на Мисијата беше Алеш Свобода астронаут резервист на ЕСА. На

Третата Мисија SELENE при LunAres во Полска, Мартина служеше како Командир на Мисијата каде го водеше екипажот и целата одговорност за успехот на мисијата и експериментите беше успешно реализиран под нејзино раководство.

Аналогна мисија APICES Others

Вселенските мисии се една од најголемите инспирации за напредок на човештвото, незаменливо ја будат имагинацијата и постојано ги поместуваат границите за тоа што дотогаш се верувало дека е возможно.

„Да работиш со врвни професори од твоето поле кои развиваат водечки технологии за Месечината и Марс или истражуваат за животот на Марс или работат со Месечева прашина е навистина чест и привилегија“, вели Димоска.

Од секогаш била љубопитна, во потрага по вистината, со порив да решава проблеми и да наоѓа решенија, но првиот пат кога себеси се замислила како астронаут или некој што може да работи на полето на вселенските науки е со комерцијализација и отворање на секторот.

„Моментот кога сакав да се видам и себеси и својата репрезентација на некој како мене во вселената беше тогаш кога се овозможи комерцијален лет, кога компаниите наголемо почнаа да регрутираат разнолики профили поради истражувања од аналогни мисии до комерцијални астронаути и така се прошири тој простор за многу различни луѓе, а меѓу нив и некој од Македонија“, истакнува Димоска.

Мартина Димоска со екипаж на аналогна мисија Others

Целта на аналогните мисии е да се подготви опремата, персоналот и процедурите за понатамошните вселенски мисии. Во овие подвизи нема простор за грешки и затоа работата на аналогните астронаути е многу значајна, а истовремено се намалуваат и трошоците.

„Аналогните студии и мисии се познати во вселенската научна заедница затоа што со нив поевтино тестираме на Земјата и со поголем дијапазон на луѓе кои придонесуваат со голема разноликост на информации и податоци кои потоа може да ги примениме“, појаснува Димоска.

Нејзина амбиција е да се формира македонска вселенска агенција бидејќи постои голема можност и помалите нации да се специјализираат во одреден сегмент кој ќе им донесе просперитет.

„Јас би сакала да основаме вселенска агенција во Македонија, тоа е еден нов чекор на кој навистина би се радувала и би придонесла многу. Секој од нашата што е посмел би сакал да ја пречекори таа Карманова линија и сите се стремиме кон нови технолошки достигнувања и развој кои потекнуваат од локално ниво и мислам дека се возможни доколку се насочиме кон нив“, смета таа.

Мартина Димоска на аналогна мисија Others

Популаризацијата на ваков вид кадри може да го реши проблемот со дефицитот на стручен кадар во инженерските струки и поголем број од младите луѓе да се насочат кон овие науки, а со тоа и да се зголемат иновациите и вложувањата во технолошкиот развој.

„Во нашата земја се уште имаме нерешени проблеми на коишто треба да се посветиме иако мислам дека вселенските технологии многу придонесуваат во решавањето на нашите локални проблеми. Сепак, тешко е да испишуваш историја ако немаш финансиска или институционална поддршка“, заклучува Димоска.

TRT Balkan
Популарни