InSight е првата мисија на Марс посветена на проучување на длабоката внатрешност на планетата

Мисијата на НАСА ИнСајт (InSight) помина повеќе од четири години на Марс и официјално ја заврши својата мисија. Неодамна американската вселенска агенција објави дека лендерот останал без струја со што практично се става клуч на целиот проект. .

НАСА објави дека контролорите на мисијата не биле во можност да стапат во контакт со лендерот, „што ги навело да заклучат дека батериите на сончева енергија на леталото се исцрпени“.

Агенцијата соопшти дека ќе продолжи да го слуша сигналот, иако понатамошната комуникација се смета за неверојатна. ИнСајт последен пат комуницирал со Земјата на 15 декември.

Агенцијата претходно соопшти дека тимот на InSight очекува лендерот да биде „нефункционален“ до декември, бидејќи неговите соларни панели произведуваат помалку енергија додека продолжуваат да собираат прашина.

Пристигна на Марс во ноември 2018 година

Стационарниот лендер откри повеќе од 1.300 земјотреси и ги лоцираше областите на Црвената планета подложни на земјотреси за време на нејзиниот четиригодишен престој на Марс.

InSight пристигна на Марс во ноември 2018 година за да ги проучува сеизмичките бранови, кои им помагаат на научниците подобро да разберат како се формираат планетите.

„Го гледав лансирањето и слетувањето на оваа мисија. Иако разделбата со вселенско летало е секогаш тажна, фасцинантната наука што ја спроведе InSight е причина за славење“, рече Томас Зурбухен од НАСА.

„Сеизмичките податоци од оваа мисија на Програмата Дискавери нудат одлични сознанија не само за Марс, туку и за други карпести тела, вклучувајќи ја и Земјата“, додаде тој.

Работи што InSight ги направи за првпат

InSight е првата мисија на Марс посветена на проучување на длабоката внатрешност на планетата. Тоа епрвата мисија која постави сеизмометар директно на површината на Марс со што за првпат се проучуваа земјотреси на друга планета.

InSight е првото вселенско летало кое користеше роботска рака за да ги фати инструментите на друга планета. Магнетометарот на InSight е првиот досега користен на површината на Марс.

Потекло на името

Долгата форма на името на мисијата е Истражување на внатрешни работи со помош на сеизмички истраги, геодезија и транспорт на топлина, што ги вклучува трите главни истражувачки техники што ги користи стационарниот лендер InSight. А скратената верзија од името во превод значи „увид“ односно да се види внатрешната природа на нештата.

Програма

Инвестицијата на САД во InSight изнесуваше 813,8 милиони долари, вклучително и околу 163,4 милиони долари за лансирање и услуги за лансирање, а остатокот за вселенското летало и операциите до крајот на главната мисија. Дополнително, Франција и Германија, главните европски учесници, инвестираа околу 180 милиони долари во InSight.

Енергија

Лендерот користи соларни панели и литиум-јонски батерии. На InSight, двете соларни панели заедно обезбедуваат околу 1.800 вати на Земјата на светол ден. На Марс, тие обезбедуваат 600-700 вати на јасен ден, или доволно за напојување на блендер за домаќинство. Се проценува дека обезбедуваат 200-300 вати на правлив ден, дури и со прашина што ги покрива панелите.

TRT Balkan / агенции
Популарни