Американскиот технолошки милијардер Илон Маск објави дека неговата стартап компанија Неуралинк првпат вградила мозочен чип кај човек.
Резултатите, кои Маск ги наведе во објавата, укажуваат на тоа дека уредот е способен да детектира активност на невроните, што е клучен елемент во интерпретацијата на мозочната активност.
Илон Маск преку социјалната мрежа „Х“ објави дека компанијата „Neuralink“, позната по развојот на невротехнолошки уреди, ја извршила првата имплантација на својот уред во човечкиот мозок.
„Пациентот на кој е извршена операцијата се опоравува и покажува позитивни резултати во откривањето на нервните импулси.Овој чекор претставува значителен напредок во областа на невротехнологијата и потенцијално отвора нови патишта за третмани во рамките на невролошката медицина. Уредот на Neuralink е дизајниран да чита и пренесува нервни сигнали, што би можело да овозможи подобра комуникација помеѓу мозокот и електронските уреди, вклучувајќи ги и потенцијалните медицински апликации“, напиша Маск.
Понатамошно истражување и тестирање се очекува да обезбеди повеќе информации за ефикасноста и безбедноста на користењето на имплантот Neuralink.
Маск истакна дека првиот производ на Неуралинк се вика „Телепати“.
„Овозможува контрола на вашиот телефон или компјутер, а преку нив речиси на секој уред, само со размислување. Први корисници ќе бидат оние што ја изгубиле можноста за употреба на своите екстремитети“, додаде тој.
Минатата година Неуралинк објави дека добила одобрение од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) за својата прва клиничка студија за мозочни импланти.
Во 2016 година Маск ја коосноваше Неуралинк за да го интегрира човечкиот мозок со вештачката интелигенција (ВИ) преку создавање уреди вградени во мозокот за да го олесни неговото спојување со машините.
Неуралинк развива уреди што имаат потенцијал да им помогнат на луѓето со парализа, вели компанијата на својата веб-страница.