Колку добро и колку брзо можете да препознаете кога некој ве лаже?
Истражувањата покажаа дека луѓето, генерално кажано, се прилично лоши во разликувањето на вистината од лагата. Затоа, не е чудно што луѓето низ историјата се обидувале да препознаат лага на различни начини. Дури и со помош на технологијата.
Затоа и не треба да чуди што луѓето се обратиле за помош кон сè попопуларното решение - вештачката интелигенција.
Имено, како што пишува MIT Technology Review, некои веруваат дека вештачката интелигенција би можела да помогне во подобрувањето на нашето откривање лаги, па дури и да биде подобра во тоа од полиграфските тестови.
И таквите системи би можеле да се користат не само за откривање лаги во полициските истраги и испрашувања, туку еден ден ќе ни помогнат да ги одвоиме фактите од лажните вести, да ги процениме тврдењата, па дури и да ни помогнат да го одвоиме претерувањето од вистинскиот факт.
Прашањето е само дали ќе му веруваме на тој систем и дали треба да му веруваме?
Имено, група научници од германскиот универзитет во Вирцбург дизајнирале алатка која користи вештачка интелигенција и е значително подобра од луѓето во забележувањето лаги.
Тие дури спроведоа серија експерименти врз луѓе за да видат како функционира алатката. Во студија објавена во списанието iScience, тие истакнуваат дека алатката, на некој начин, сепак била корисна, бидејќи им помагала на луѓето кои ја користеле подобро да забележат лага.
Меѓутоа, германските научници забележале интересен феномен.
Иако испитаниците за време на експериментите биле свесни дека 50 отсто од изјавите што ги оценувале се секако лажни, само 19 отсто од нив биле оценети како такви.
Но кога користеле алатка за вештачка интелигенција, процениле дека 58 отсто од изјавите се лажни.
Генерално, луѓето ги препознале лажните изјави во половина од случаите.
Вештачката интелигенција била малку подобра со 67 проценти препознати лажни изјави. Подобро од човекот, но сепак далеку од совршенство.
Научниците кои ја дизајнираа алатката нагласуваат дека нивната цел била да создадат алатка за вештачка интелигенција која ќе биде подобра од човекот, а не дека ќе биде совршена во препознавањето лажни изјави.
Создавањето совршена алатка за вештачка интелигенција која ќе ја препознае секоја лага може да има негативно влијание врз луѓето и општеството воопшто, бидејќи може да предизвика сомнеж и недоверба.
Германските научници затоа посочуваат дека треба да најдеме рамнотежа помеѓу алатките кои ќе ни помогнат полесно да ги препознаеме дезинформациите и лажните вести кои се шират на социјалните мрежи, но и да одржиме трошка доверба во луѓето и нивната искреност.