Ѕвездата на видеото е мачката Тејтерс, милениче на вработен во НАСА, која е снимена како брка ласерско светло на кауч / Photo: AFP

НАСА објави дека користела најсовремен ласерски комуникациски систем на вселенски брод оддалечен 31 милион километри од Земјата за да испрати видео за мачки со висока дефиниција.

15-секундното мјау-вие со портокалово маче по име Тејтерс е првото видео емитувано од длабоката вселена. Тоа покажува дека преносот на комуникации со поголема брзина на податоци е возможен за поддршка на сложени мисии како што е испраќањето луѓе на Марс.

Видеото беше емитувано на Земјата со помош на ласерски трансивер на сондата Psyche, која патува до главниот астероиден појас помеѓу Марс и Јупитер за да истражува мистериозен објект богат со метал.

Кога го испрати видеото, вселенскиот брод беше на 80 пати поголемо растојание од растојанието помеѓу Земјата и Месечината.

Кодираниот, речиси инфрацрвен сигнал бил примен од телескопот Хејл во опсерваторијата Паломар во Сан Диего, а оттаму бил испратен до Лабораторијата за млазен погон на НАСА (ЈПЛ) во Јужна Калифорнија.

„Една од целите е да се демонстрира способноста за пренос на широкопојасно видео низ милиони милји. Ништо на Psyche не генерира видео податоци, така што ние обично испраќаме пакети со случајно генерирани податоци за тестирање“, рече Бил Клипштајн, проект менаџер на технолошката демонстрација во ЈПЛ.

„Но за да го направиме овој значаен настан понезаборавен, решивме да работиме со дизајнерите во ЈПЛ за да создадеме забавно видео, кое ја доловува суштината на демото како дел од мисијата Psyche“.

Вселенските мисии традиционално се потпираат на радио бранови за испраќање и примање податоци, но работата со ласери може да ја зголеми брзината на пренос на податоци за 10 до 100 пати.

На ултра-ХД видеото му беа потребни 101 секунда за да се испрати на Земјата со максимална бит-стапка на системот од 267 мегабити во секунда - побрзо од повеќето домашни широкопојасни врски.

„Всушност, по добивањето на видеото во Паломар, тоа беше испратено до ЈПЛ преку интернет, и таа врска беше побавна од сигналот што доаѓаше од длабоката вселена“, рече Рајан Рогалин, раководител на електрониката за приемници на проектот во ЈПЛ.

„Па зошто видео за мачки? Прво, тука е историската врска“, велат од ЈПЛ.

Кога американскиот интерес за телевизија почна да расте во 1920-те, статуата на мачорот Феликс беше емитувана за да послужи како тест слика.

И додека мачките можеби не ја преземаат титулата најдобар пријател на човекот, малкумина можат да ја оспорат нивната позиција број еден кога станува збор за видеата на интернет и „меме“ културата.

Вчитан пред лансирањето, клипот го прикажува Таби, миленичето на вработен во ЈПЛ, како брка ласерско светло на каучот, со преклопена тест графика. Таа ја вклучуваа орбиталната патека на Psyche и техничките информации за ласерот и неговата бит-стапка на податоци.

Иако ласерскиот пренос е демонстриран во ниската орбита на Земјата и до Месечината, мисијата Psyche е првпат да биде распоредена во длабока вселена. Насочувањето на ласерски зрак од милиони милји одалеченост бара исклучително прецизно „насочување“, една голема техничка пречка што инженерските тимови мораа да ја решат.

Технолошката демонстрација дури треба да го компензира фактот дека во времето потребно на светлината да патува од вселенското летало до Земјата, и сондата и планетата ќе се поместат, така што ласерите за горната и долната врска треба соодветно да се приспособат за промената.


TRT Balkan / агенции
Популарни