Националната аеронаутичко-вселенска агенција (НАСА) соопшти дека успеала да го пренасочи движењето на астероидот Диморфос со што се потврди успешноста на неодамна спроведениот историски тест за способноста на човештвото да го промени движењето на одреден космички објект.
„Анализата на податоците добиени во текот на изминатите две недели од истражувачкиот тим на НАСА за тестот за пренасочување на астероидот покажува дека кинетичкиот удар на леталото со таргетираниот астероид Диморфос, успешно ја променил орбитата на астероидот“, објави американската вселенска агенција.
НАСА истакна дека успехот значи дека човештвото е способно да го менува движењето на небесен објект, што се случува за првпат во историјата и дека претставува првата целосна демонстрација на технологијата за отклонување на астероидите од нивната патека.
„Сите ние имаме одговорност да ја заштитиме нашата планета. На крајот на краиштата, тоа е единствената што ја имаме“, рече администраторот на НАСА, Бил Нелсон.
„Оваа мисија покажува дека НАСА се обидува да биде подготвена за сѐ што може да фрли универзумот кон нас. НАСА докажа дека сме сериозни како бранители на планетата. Ова е пресуден момент за планетарната одбрана и за целото човештво, момент кој ја покажа посветеноста од извонредниот тим на НАСА и партнерите од целиот свет“, истакна Нелсон.