Syntrichia caninervis може да преживее ултра ниски температури и да се регенерира по пет години складирање на минус 80 степени Целзиусови или еден месец во течен азот

Мовта која расте во неколку региони во светот, благодарение на истражувањето на кинеските научници, може да разбуди нова надеж за колонизација на Црвената планета.

Кинеските научници открија многу отпорен пустински мов, Syntrichia caninervis, во Ксинџијанг, кој би можел да ги поддржи идните колонии на Марс, покажа студијата на Кинеската академија на науките.

Објавено во списанието The Innovation, истражувањето открива дека оваа мов може да издржи услови слични на оние на Марс, како што се екстремна суша, ултра ниски температури и радијација.

Мовта би можела да биде клучна за развојот и одржувањето на екосистемите на Марс преку помагање во производството на кислород, секвестрацијата на јаглеродот и плодноста на почвата.

„Тоа може да помогне да се поттикнат атмосферските, геолошките и еколошките процеси неопходни за други виши растенија и животни, истовремено олеснувајќи го создавањето на нови живеалишта погодни за долгорочно населување на луѓето“, се вели во студијата објавена на 1 јули.

Syntrichia caninervis може да ги врати своите фотосинтетички и физиолошки активности во рок од неколку секунди по рехидратацијата, дури и откако ќе изгуби повеќе од 98% од содржината на клеточната вода.

Покрај тоа, растението може да преживее ултра ниски температури и да се регенерира по пет години складирање на минус 80 степени Целзиусови или еден месец во течен азот.

Овој тип на мов не се наоѓа само во Ксинџијанг, туку и во Тибет, пустината во Калифорнија, Блискиот Исток и поларните региони.

Кина и САД ги засилуваат напорите во истражувањето на вселената.

Претстојните мисии на Кина вклучуваат астероидна сонда Тианвен-2 следната година и сондата Тианвен-3 до 2030 година за враќање на примероците од Марс.

Кина, исто така, неодамна донесе примероци од далечната страна на Месечината.

Во меѓувреме, НАСА има 20-годишен план за истражување на Марс за да утврди дали човечкиот живот е одржлив на оваа планета, објави Ројтерс.


TRT Balkan / агенции
Популарни