За првпат целата површина на Марс е сликана од сондите кои ги распореди вселенската агенција на Кина (ЦНСА). Материјалите се обезбедени од комбинираниот ангажман на теренскиот ровер и беспилотната сонда Тианвен-1.
ЦНСА од лансирањето во орбитата на Марс во февруари 2021 година, до денес успешно изведе над 1.300 летови. Најзначајно во оваа мисија е што се направени снимки од Јужниот пол на „црвената планета“, каде научниците сметаат дека се складирани најголемиот дел од водните резерви.
Бидејќи температурите се екстремно ниски, таа количина на вода најверојатно е замрзната под површината, но не се исклучува можноста дека некаде во длабочината се уште има услови за течна вода, а со тоа и услови за одржување и развој на живот.
Присуството на вода под површината на Марс во непосредна близина беше потврдено во 2018 година од Европската вселенска агенција.
Тианвен-1 исто така испрати слики од кањонот Валес Маринерис долг речиси 4.000 километри, како и кратерите на висорамнините на северот на Марс познати како Арабиа Тера.
Слики во висока резолуција се направени и од работ на огромниот кратер Маундер, како и поглед од вулканскиот штит Акреус Монс висок 18.000 метри.