Тројца кинески астронаути на вселенскиот брод Шенжу-18 успешно пристигнаа во кинеската вселенска станица, соопштија кинеските медиуми.
Астронаутите беа пречекани од нивните колеги во мисијата Шенжу-17, објави новинската агенција Ксинхуа.
Шестте астронаути ќе живеат и работат заедно околу пет дена. Во четвртокот, вселенскиот брод Шенжу-18 се подигна од центарот за лансирање на сателити Џиукван на врвот на ракетата „Долгиот марш 2Ф“.
Претходно, во центарот се одржа церемонија на испраќање на тројцата таиконаути, термин кој се користи за кинеските астронаути.
Астронаутите Је Гуангфу, Ли Конг и Ли Гуангсу ќе останат во орбитата шест месеци и треба да се вратат на местото на слетување Донгфенг во северниот кинески автономен регион Внатрешна Монголија кон крајот на октомври оваа година.
За време на мисијата, главната работа на астронаутите ќе бидат вселенски експерименти и тестови во најсовремените полиња како што се воздушната медицина, основната физика, науката за материјали и науката за животот.
Екипажот Шенжу-17 остана во орбитирачката вселенска станица Тиангонг скоро шест месеци и ќе се врати по предавањето на работата на екипажот Шенжу-18.
Шенжу-18 е 32-та мисија на кинеската вселенска програма со екипаж и трета мисија со екипаж во фазата на примена и развој на кинеската вселенска станица.