Без сончева светлина, без гравитација, вода и јаглероден диоксид, вселенските растенија и „пркосат“ на природата. Дрвото на животот во вселената може да има буквално значење за луѓето, покрај симболизмот за вечна младост, знаење и плодност.
Без органски растенија човекото освојување на космосот би било невозможно. Научниците од 80-те години на минатиот век наваму истражуваат дали е возможно да се одгледуваат растенија во услови кои се сосема различни од Земјата. Затоа, првите корени никнуваат во блиската вселена како дел од човечките мисии, но секогаш се бараат нови иновативни начини на одгледување растенија надвор од границите на планетата Земја.
Во потрага по гравитација
Растенијата во вселенските освојувања би биле извор на кислород, храна и естетика за човечките екипажи. Затоа науката се „бори“ со нултата гравитација на вселенските летала кои орбитираат околу Земјата или се насочени кон соседните небесни тела.
Основен принцип на растење на корените е надолу кон гравитацијата, додека пак стеблата и гранките растат обратно од гравитацијата. Преку бројни експерименти на Европската вселенска агенција е откриено дека растенијата во врвот на корените на клеточно ниво имаат т.н. гравитациски сензори.
Растенијата кои се одгледуваат на Меѓународната вселенска станица (МВС) реагираат и на најмала изложеност на гравитација, што им дава одредена „насока“ на ширење. Вселенските истражувачи експериментираат со моделното растение (арабидопсис талијана). Тоа успева да регистрира и најмала количина на вештачки создадена гравитација на Меѓународната вселенска станица.
Во такви услови сензорите на растенијата го „засилуваат“ сигналот, по што неговите корени се шират претежно хоризонтално, за разлика од Земјата каде би растеле во вертикала, всадени во земја или потпрени на држач.
Повеќе од витамини
Долгите патувања во длабоката вселена ќе бидат невозможни доколку луѓето немаат свеж извор на храна. Недостигот на витамини не може лесно да се реши само со мултивитамински пилули. Затоа астронаутите ќе мора да ги усовршат техниките на одгледување зеленчук и овошје во услови на микрогравитација и вештачка компензација на сончева светлина.
Првата вселенска салата астронаутите ја дегустираа во 2015 година од сопствено одгледаната марула надополнета со балсамико сос. Тоа беше првото растение на МВС кое доби дозвола за човечка консумација, но засега на Земјата никој не пробал „храна од вселената“?
Освен придобивките од хранливите состојки, екипажите кои ќе патуваат кон други планети ќе имаат и психолошки и естетски придобивки од гледањето во зеленило кое ќе им даде впечаток дека се наоѓаат во природна средина која наликува на земјината.
Но, одгледувањето вселенски растенија може да биде полезно и за тие кои ќе останат на „сината џамлија“. Проучувањето на молекуларно ниво на растенијата, растот и отпорноста кон надворешните фактори може да ги направи поприносни во планетарното земјоделство и да ги подобри условите на одгледување во стакленички градини.