Повеќе од десетгодишната дилема како да се изразат и наречат екстремно големите броеви кои произлегуваат од употребата на новите технологии, конечно е решена со унифициран пристап кој ќе се применува во сите земји кои го користат метричкиот систем.
Рона и Кета ќе се користат за најголемите броеви - и ронто и квекто за најмалите. Рона со 27 нули и Кета со 30 нули се означуваат со латиничните букви „R“ и „Q“.
Тоа е првпат по повеќе од три децении да се додадат нови префикси во Меѓународниот систем на единици (SI), договорениот глобален стандард за метричкиот систем.
Употребено во праксата, сега Земјата може да се каже дека тежи 6 ронаграми, односно тоа е бројка со единица и 27 нули.
Популарноста на Гугл не е мерило
Една од причините за новите мерни единици е потребата од претставување на поимите во се поголеми количества.
Така на пример, во последните години Гугл го популаризираше терминот „хелабајт“ како единица мерка за приказ на компјутерски податоци.
Името не доаѓа од грчката или латинската терминологија која е вообичаена за метричкиот систем, туку од сленгот „хела“ (hella), кој во Калифорнија каде е лоцирана Силициумската долина, се користи за да се изрази нешто „ептен големо“.
Сега, наместо хела како бројка со 27 нули во официјалните мерења и комуникација ќе се користи терминот рона.
Интересно е што и новото именување не се држи стриктно до правилата воведени во 60-те години од минатиот век, туку претежно поради преостанатите слободни букви за означување на симболите на новите мерки.
Така, од достапните букви кои не се зафатени се употребени латиничните „R“ и „Q“.
Освен во компјутерските и информатичките технологии, новите термини ќе бидат од голема корист и за приказ на податоци во квантната физика, астрономијата и итн.
Кој ги одредува мерките?
Одлуката за мерките ја носи Меѓународното биро за тежини и мерки кое заседава во Версај, во француската престолнина Париз.
Покрај метричкиот систем, неколку држави во светот и натаму не се усогласени, па така на пример Велика Британија го користи империјалниот систем на мерки, додека пак САД има сопствен систем на мерки иако во меѓународната трговија и комуникација се води според метричкиот систем, но не и на пример во домашното образование.
Предноста на метричкиот систем е во неговата унифицираност и научна поставеност на мерките за изразување физички појави и состојби, додека пак британскиот и американскиот систем и натаму имаат мерки кои влечат корени од средновековието и народните традиционални мерки.