Без вештачката интелигенција повеќе не се може, основното прашање е како да се користи / Photo: Reuters Archive

Многумина ја нарекоа 2023 година година на вештачката интелигенција (ВИ). ВИ се развива и напредува исклучително брзо, што некои го сметаат за загрижувачки. Еве што ни донесе вештачката интелигенција во изминатите 12 месеци.

Вештачката интелигенција брзо ги менува нашите животи. Се користи во домаќинството, на работните места и доминира во технолошкиот свет. Од генеративни модели до персонализирана медицина и спојување со квантното пресметување.

Главната ѕвезда оваа година беше ЧетГПТ(Chat GPT). Може да одговори на многу едноставни прашања, како на пример кој е претседател на САД, но и на многу посложени. Тешко е да се разликува од текстот напишан од човек. Многу универзитети веднаш се запрашаа како да се прилагодат.

„На студентите не им е дозволено да користат ЧетГПТ при пишување оригинални трудови. Ако го користат, тогаш го прекршуваат договорот за интелектуална чесност бидејќи тоа веќе не е нивно оригинално дело“, истакна Миријам Дубоа-Монкачи, од Саенс По Универзитетот во Париз.

Без вештачката интелигенција повеќе не се може, основното прашање е како да се користи.

„Важно е да ги научиме нашите студенти како ефективно и критички да ги користат овие алатки и да ги препознаат нивните ограничувања, а не она што универзитетите треба да го отфрлат, рече Балбир Барн од Универзитетот Мидлсекс.

Некои дански училишта го применуваат во учењето јазици. На пример, учениците прво сами го анализираат текстот, а потоа со помош на ВИ.

„Ако можеме да разговараме со студентите за тоа како да се користи вештачката интелигенција, тогаш тоа веќе не е табу тема. И без разлика дали ви се допаѓа или не, или ви е проблематично, факт е дека вештачката интелигенција е веќе тука“, нагласи Мете Молгард Педерсон, професорка по англиски јазик од Хорсенс.

Вештачката интелигенција сѐ повеќе е дел од здравствената заштита. Служи од развој на лекови до попрецизна дијагноза и идентификација на болести со висока прецизност. Ја подобрува брзината и ефикасноста на третманот, ги намалува грешките и обезбедува пристап до персонализирана медицина.

На Универзитетот Лунд во Шведска, ВИ им помага на радиолозите да откријат тумори.

„Можете да видите дека вештачката интелигенција го означи откритието овде на сликата со високо ниво на усогласеност. Тоа е суптилна точка маса делумно покриена со густо ткиво. Кога ја направивме проценката, го повикавме пациентот и констатиравме инвазивен карцином од пет милиметри“, објасни проф. д-р Кристина Ланг од Универзитетот Лунд.

Вештачката интелигенција е сè пораспространета и во уметноста.

И додека напредува брзо и ја отвора вратата за нова ера на човековата креативност, во 2023 година сè почесто се бараше нејзино регулирање.

„Не верувам во целосно регулирање на новите технологии, настојувам тоа да им го препуштам на иноваторите и претприемачите. Ако има исходи што не ви се допаѓаат, тие треба да се решат, наместо да се обидувате да ја ограничите или забраните вештачката интелигенција“, вели Ендрју Мекафи, истражувач во Универзитетот МИТ.

Европската унија, со многу компромиси, на почетокот на декември постигна привремен договор за употреба на вештачка интелигенција, што овозможува системот да се развива на јасен и одговорен начин. Треба да се применува од 2026 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни