Пред околу 66 милиони години се случи еколошка катастрофа кога околу 75 проценти од морските и копнените животински видови исчезнаа од Земјата / Photo: AA

Пред околу 66 милиони години, на границата помеѓу периодот на креда и палеоценот, се случи еколошка катастрофа. Тоа беше причина за едно од петте големи изумирања, за време на кое околу 75 проценти од морските и копнените животински видови исчезнаа од Земјата, вклучувајќи ги и диносаурусите.

Се верува дека главниот поттик за истребување на толку многу видови бил падот на астероид со дијаметар од 10 до 15 километри. Местото на ударот, познато како кратер Чиксулуб, беше пронајдено во 1978 година во областа на полуостровот Јукатан во јужно Мексико.

Сликата на катастрофата обично се опишува на следниов начин: астероид удрил во Земјата со голема брзина и практично испарил. На местото на падот се формирал огромен кратер со пречник од околу 180 километри. Во експлозијата, астероидот бил дисперзиран на огромен број мали парчиња, и формирал огромен аеросолен облак од сулфати - сулфурни соединенија што постојат во морската вода.

Ударниот бран ја опустошил околината, предизвикал огромно цунами и термичкиот удар предизвикал огромни пожари. Милијарди тони пепел и саѓи го исполниле воздухот и на Земјата било ноќ неколку години.

Сулфатните аеросоли кои се издигнале до стратосферата создадале дополнителна бариера за сончевите зраци. Температурата на планетата нагло се намалила и забочнала глобална зима. Поради недостаток на светлина, забавила фотосинтезата на растенијата и тоа ја намалило концентрацијата на кислород во атмосферата.

Натопувањето на површинскиот слој на океанот со јаглерод диоксид од атмосферата предизвикал негово закиселување, а тоа довело до изумирање на фитопланктонот - основниот елемент во синџирот на исхрана во океанот. Како резултат на тоа, изумреле и други морски животни.

Сличен домино ефект ги погодил и копнените екосистеми. Наглото намалување на масата на растенијата имало негативен ефект врз опстанокот на тревопасните животни. Од недостаток во синџирот на исхрана страдале и месојадите. На крајот исчезнале сите животни тешки повеќе од 25 килограми. Големите претставници на фауната во копнените екосистеми повторно се појавија по 15 милиони години од катастрофата.

Во потрага по поттикнувачот

Повеќето научници сè уште се согласуваат дека главниот фактор за појава на глобална зима се саѓите што се појавија по пожарите низ планетата. Доказ за тоа е тенкиот слој јаглероден материјал што се појавил на границата помеѓу креда и палеоцен, а се наоѓал насекаде во светот. Сулфурните аеросолни честички, како и ерупциите и вулканската пепел, би можеле да играат важна улога во атмосферското загадување.

Геолошките податоци укажуваат дека во периодот од пред 68 до 60 милиони години вулканската активност нагло се зголемила. Во тоа време, на територијата на индискиот полуостров се појавиле огромни полиња со лава.

Силикатната прашина што се формирала при ерупцијата на мали честички од основата на кратерот не се ни сметаше како можен предизвикувач на глобално ладење. Се сметало дека е премногу тежок за да остане долго време во атмосферата и да се движи низ воздухот на долги растојанија. Сепак, резултатите од една неодамнешна студија го кажуваат спротивното.

Белгиските геолози под раководство на Сем Берк Сенел од Кралската опсерваторија во Брисел заедно со колегите од Холандија и САД го анализираа составот и пропорциите на прашината во Танис, југозападно од државата Северна Дакота во САД. Таму на површина излегуваат елементи од добро проучената формација Хел Крик. Најмладите седименти потекнуваат од периодот од пред 66 милиони години.

Формацијата е позната првенствено по големиот број скелети на диносауруси, безрбетници, риби, влекачи, водоземци и рани цицачи. Научниците ги искористија добиените податоци за да создадат прецизен модел на глобалните климатски промени, предизвикани од падот на астероидот.

Клучна област

Областа Танис, која се наоѓа на 3.000 километри од кратерот Чиксулуб, беше корито на река пред 66 милиони години што беше поплавена од цунами предизвикано од удар на астероид.

Анализата на седиментите, слој по слој, овозможи детално да се утврдат промените што настанале во воздушната и водната средина веднаш по катастрофата.

Слоевите се исполнети со растителни фрагменти, животински коски, остатоци од кратер, силикатна прашина и микротектити – најмалите честички од стопено минерално стакло.

Прашината е поважна од гарежот

Авторите на истражувањето утврдиле, пред сè, дека силикатната прашина која настанала како резултат на ударот на Чиксулуб е многу ситна. Големината на честичките е од 0,8 до осум микрометри. Ова е околу два пати помалку од дебелината на човечкото влакно. Таквата прашина може да остане во воздухот до 15 години и за тоа време може неколку пати да ја обиколи планетата. Моделирањето покажа дека ерупциите, заедно со гареж и сулфур, ја прекинале фотосинтезата речиси две години и тоа пило причина за ладење на површината на Земјата за 15 степени Целзиусови.

Според прецизни пресметки, составот на црната магла што ја обви Земјата е приближно вака: 75 отсто е силикатна прашина, 24 отсто сулфур и само еден отсто гареж.

Научниците тврдат дека врската е условена од местото каде што удрил астероидот - крајбрежниот дел на полуостровот Јукатан и дел од крајбрежната водена област.

Судбината на животот на Земјата можеше да биде сосема поинаква доколку астероидот паднеше на друго место, да речеме во океанот. Тогаш не би се кревала прашина, сулфатите брзо би се растуриле и не би се случила еколошка катастрофа. Спротивно на тоа, падот во центарот на еден од континентите би бил уште попогубен за сите живи суштества на планетата.


TRT Balkan / агенции
Популарни