Половина од светското население нема пристап до интернет иако оваа технологија со рапидно темпо се развива во последните три декади. Визијата за поврзана планета на Илон Маск, покрај благородни цели за интернет конекција и во најзапуштените рурални области има и друга цел, создавање скапа вселенска машина што ќе ги храни идните потфати на Спејс Екс.
Старлинк до крајот на годината ќе биде достапен за сите земји од Балканот, барем според ветувањата на компанијата. Тоа значи дека Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија во текот на 2022 година ќе се поврзат на супер брз сателитски интернет.
Според наведените спецификации ќе се постигне брзина на симнување податоци од 300 мегабити во секунда и 20 милисекунди доцнење на сигналот. Во наредните години Маск сака да лансира вкупно 42.000 сателити, на оддалеченост од 550 километри во ниската орбита на Земјата.
Под едно небо
Старлинк е рекламиран како спас за заборавените локални заедници каде владее сиромаштија, неразвиена економија и недостиг на модерна инфраструктура. Корисниците треба да платат од 200 до 500 евра за опремата која потоа сами треба да ја инсталираат, и околу 100 евра месечна претплата за пристап до сателитски интернет.
Самите суми не се претерано „алтруистички“, но со оглед дека станува збор за приватна компанијата логично е дека крајната цел е профит. И тука најверојатно лежи вистинскиот мотив на најбогатиот човек на Земјата.
Илон Маск, според плановите со Старлинк, ќе освои фрагмент од глобалната индустрија на телекомуникациските оператори, но и со неколку проценти пазарно учество годишно ќе генерира меѓу 30 и 50 милијарди долари.
Овој профит потоа ќе се користи како буџет за приватната вселенска компанија Спејс Екс која ќе има поголем годишен буџет и од НАСА, како државна вселенска агенција на САД. Со тие средства Маск ќе може да продолжи да ја освојува вселената, вклучувајќи ја и мисијата за колонизација на Марс.
Ѕвездена светлина или помрачување?
Проектот на Старлинк се соочува и со доза критики. Присуството на 42.000 сателити може да предизвика пречки за набљудување на ѕвездите или небесните тела како комети и метеори кои се приближуваат на планетата.
Сјајот на Старлинк сателитите ќе биде голем проблем, па затоа компанијата ветува дека компонентите ќе бидат премачкани со темна содржина за да нема пречки при набљудување на астрономските опсерватории.
Исто така постои опасност некој сателит да изгуби контрола и да се помести од траекторијата на движење. Во таков случај може да удри во друг сателит, а потоа остатоците да продолжат неконтролирано да уриваат други сателити.
Од огромната количина вселенски отпад би станале цивилизација засекогаш заробена на сопствената планета, со ограничени можности за вселенски истражувања и лансирање летала.
Старлинг презема неколку мерки на претпазливост. Сателитите имаат систем за избегнување судири, а откако ќе бидат вон употреба ќе паднат во атмосферата при што целосно ќе согорат, а само мал дел од најиздржливиот материјал ќе падне на површината. Маневрите ги прават благодарение на погонот на криптон за потисок за испалување на јонизираните честички.
Но, ниската орбита на Земјата наскоро ќе стане многу хаотична бидејќи сателити ќе лансираат и други приватни компании како и државни вселенски агенции од САД, Европа и Азија. Без регулација и институционална контрола над небесниот метеж, една мала грешка во движењето на еден сателит, може неповратно да ја блокира Земјата.