Само корисниците на Ајфон ќе плааќаат повеќе     Фото:  / Photo: AA

Социјалната мрежа Твитер повторно ја активираше опцијата за верификување на профилите за што корисниците ќе треба да платат по 8 американски долари месечно.

Претходно во ноември оваа услуга беше злоупотребена, па така илјадници корисници отвораа лажни профили имитирајќи познати личности, компании и политичари, за само 8 долари. Сега, Твитер ветува дека процесот на потврда на идентитетот на корисниците е засилен и ќе бидат спречени профилите имитатори.

Лажните верификувани профили го искористија моментот за шеги, додека пак други користеа навреди и ширеа говор на омраза, тестирајќи ги целосно способностите на новото раководство на Твитер да се справува со наездата.

Претплата на Твитер, втор обид

Една од главните новини е и самата цена на претплатата за на профилот да стои знакчето за верификувана корисничка сметка или популарно наречена сина „штикла“.

Корисниците кои ќе се претплатат преку веб сајтот на Твитер ќе плаќаат 8 долари месечно. Тие што имаат телефон Ајфон ќе мора да платат нешто поскапо, односно 11 долари доколку ја активираат апликацијата преку „Еп Стор“ маркетот за апликации и игри на Епл.

Маск, новиот сопственик на Твитер, се побуни за високата провизија која Епл ја наплаќа за сите трансакции на Ај-О-Ес платформата која изнесува околу 30%. На овој начин корисниците на Твитер ќе плаќаат директно на веб сајтот на Твитер, а повисоката претплата за корисниците на Ајфон ќе ja неутрализира провизијата која Маск смета дека оди на негова штета.

Искрите меѓу двата гиганти се јавија откако се проширија шпекулации дека Епл може да донесе одлука за забрана на пристапот до апликацијата на Твитер поради нарушување на правилата за употреба, што секако не остане неодговорено од страна на Маск, кој се закани пак, со лансирање на конкурентен смартфон.

Што носи месечната претплата?

Разликата помеѓу „обичнитепрофили и тие со сино знакче засега носи неколку бенефиции.

Со претплатата се добива можност за прикачување подолги и поквалитетни видеа, уредување на содржините, помала изложеност на реклами како и поголема видливост на објавите, репликите и приоритет во резултатите на пребарување.

Останатите новите се само во најава и се очекува да бидат претставени штом биде обезбедена техничка можност на платформата која ќе добие нови функции и промена во начинот на модерирање на содржините.

Во изминатите денови како од самата компанија, така и од новиот директор Маск беше најавено дека ќе има бришење на огромен број лажни профили, додека пак „ботовите ги очекува големо изненадување“.

TRT Balkan / агенции
Популарни