Добар бот, лош бот: Ќе се исчисти ли Твитер?     Фото: АА

Ботовите стануваат се „пореални“ и е се потешко да се разликува профил на вистинска личност од профил базиран на вештачка интелигенција кој е програмиран да објавува твитови и да споделува конкретни содржини. Самиот термин „бот“ добива се поголем негативен контекст. Злоупотребите на ботовите се прават и за спам реклами, но и за влијание на гласачи пред избори или за поттикнување општествени нереди. Најпогоден од бот профили е Твитер и постои опасност оваа социјална мрежа никогаш да не се исчисти.

Колку длабоко се инфилтрирани ботовите?

Точната бројка на бот профили на Твитер е тешко да се утврди. Компанијата тврди дека до 5% од вкупно сите кориснички сметки се ботови, додека пак други проценки одат на бројки кои се фрапантни и велат дека една петтина од сите корисници на Твитер се всушност ботови.

Освен проблемот со волуменот на ботовите, многу позначајни закани има од програмите кои се користат за манипулации, ширење лажни вести и дезинформации. Напредната АИ технологија се користи од организирани центри кои знаат да лансираат таргетирани кампањи за важни општествени прашања.

Тоа опфаѓа од влијание на национални избори во некоја земја, па се до кревање паника која може да доведе до протести, судири меѓу групи со спротивставени гледишта и зголемување на недовербата во јавните институции.

Што презема Твитер за ботокалипсата?

Тука проблем не е толку начинот на кој Твитер овозможува креирање бот профили, бидејќи тие алатки се сосема легитимни и јавно достапни, туку како платформата се справува со малициозни ботови кои се дел од организирана мрежа и се активираат со однапред смислени планови.

Твитер во последните неколку години се обидуваше да ја убеди јавноста и базата на корисници дека презема повеќе чекори, почнувајќи од алгоритам на вештачка интелигенција кој може да анализира до 5 милиони профили неделно, па се до тим на луѓе кои мониторираат конкретни примери на малициозни ботови и мрежи, особено кога истите делуваат кампањски.

Оваа мрежа има и посебна програма која ги обележува „добрите ботови“ кои нудат многу корисни и добредојдени информации, решенија и алатки, а има и систем за пријава на злоупотреби по кои реагира доколку се прекршени правилата на користење.

Но, од Твитер никогаш не произлезе конкретно долгорочно решение, освен потенцирањето на фактот дека не сите ботови се лоши, а во меѓувреме технологијата за напредни ботови станува се поразвиена.

Психологија на „вистински“ корисници

Успешноста на Твитер ботовите лежи во тоа што речиси совршено го имитираат однесувањето на човечките корисници. Овие програми може да ве заследат, да ви стават „лајк“, да ве „ретвитнат“ и да ви пратат директна порака.

Некои ботови се програмирани одвреме навреме да прават и печатни грешки, други се креирани со кредибилни аватари и кориснички имиња, па така препознавањето на вештачки профил станува многу тешка задача.

Дури и да е точна бројката од помалку од 5%, овие лажни профили создаваат огромна активност на објави, ретвитови и креирање трендови со што може да ја алармираат целата мрежа, што сериозно го девалвира кредибилитетот на содржините кои се споделуваат на Твитер.

Твитер ќе мора да вложува во технологија за машинско учење која ќе ги анализира активните корисници кои на месечно ниво се движат и до 300 милиони и подобро да ги означува ботовите кои се од полза и да ги ограничи тие со малициозни активности.

TRT Balkan
Популарни