Смартфоните иако нудат модерни функции не се секогаш прв избор/ Фото: Reuters

„Циглите“ како што популарно беа нарекувани првите модели на мобилни телефони на крајот на 90-те години повторно се во мода. Иако служат само за телефонски повици, СМС пораки и по некоја фотка, и натаму се продаваат со стотина милиони примероци годишно, а тоа се должи на повеќе трендови.

„Глупавите“ телефони го добија прекарот по појавата на смартфонот во 2006 година. Тогаш Епл и Андроид ги лансираа првите модели со екран на допир и интернет конекција што засекогаш ја промени мобилната индустрија.

Но, иако станаа главна алатка за комуникација, работа со апликации и поврзување, смартфоните станаа и извор на грижи за приватноста на корисниците, ранливост од хакерски напади, прислушкување, како и зависност од социјалните мрежи.

Едноставни, но функционални

Според податоците на Статиста, во 2022 година биле продадени 233 милиони обични телефони. Прогнозите велат дека барем во наредните три години бројката на обични уреди ќе надминува 200 милиони примероци годишно, а прометот ќе достигнува нешто над 10 милијарди американски долари.

Овие бројки се доволен мотив за популарните брендови на мобилни телефони и натаму да произведуваат уреди со застарен дизајн, со мал екран, алфанумеричка физичка тастатура и ако имате среќа, бонус слушање на радио станици или камера со 5 мегапиксели.

ХМД Глобал е кинески производител кој ги откупи правата за производство на брендот Нокиа, кој до појавата на напредните оперативни системи на Епл и Гугл, доминираше на пазарот, и не постоеше тинејџер на планетата кој не посакуваше некој од познатите модели како Нокиа 3310 или подоцнежните верзии со игри, камера и МП3 музички плеер.

Сега, ХМД Глобал речиси целиот бизнис го потпира на носталгијата од претходните децении со ретро дизајнот на Нокиа, и препознатливите карактеристики, цврста маска која издржува удари и долготрајна батерија.

Кои се мотивите?

Освен ниската цена или носталгијата, „глупавите“ телефони се популарни меѓу младата генерација „Зет“, која се соочува со прегореност од поминатото време пред екран и од употребата на социјалните мрежи, кои може да создадат и сериозни психолошки проблеми, како зависност, потреба од инстантна гратификација на социјалниот статус и секојдневните активности.

Иако во последните години продажбата на обичните телефони беше поизразена во сиромашните и земјите во развој, со оглед на ниската цена и лесната употреба без захтевни технолошки познавања, сега се повеќе расте нивната продажба во западните развиени земји како САД.

Обичните телефони на кои нема апликации како Вајбер, Вацап и Месинџер, често ги користат и криминалците, бидејќи се смета дека не оставаат можност за пробивање на податоците и комуникацијата, и лесно може да се менуваат СИМ картичките со припејд броеви и батериите.

Просечната цена на еден обичен телефон според податоците на Статиста изнесува околу 45 евра за 2022 година и не се очекува драстично да скокне и во наредните години.

Секако, има модели кои се многу поевтини, но и екстремно скапи модели кои се обложени со кевлар, платина, и дијаманти или популарно наречени „телефони за олигарси“, а нивната цена достигнува и до неколку илјади евра.

TRT Balkan / агенции
Популарни