Кои се најчесто користените лозинки во светот?      Фото: АА

Како да ми биде лозинката на мојот профил на социјалните мрежи? Каква лозинка да имам на службениот мејл? Каква лозинка е најбезбедна за моите кредитни картички?

Ова се само дел од дилемите кои безмалку секој ги има кога се обидува да си ги заштити дигиталните лични податоци и информации.

Компанијата за организирање и чување лозинки „Норд пас“ за 2021 година објави листа од 200 најчесто употребувани лозинки на корисниците од 50 земји во светот.

Лозинката „123456“ и во 2021 година е најчесто користена лозинка, со над 100 милиони користења во светот.

На листата на топ 10 најчесто користени лозинки се и „123456789“, „12345“, „qwerty“, „password“, „12345678“, „111111“, „123123“, „1234567890“ и „1234567“. Овие лозинки се користат најчесто за профили на социјалните мрежи, мејл адреси, онлајн плаќања.

Она што загрижува е дека и покрај многубројните „протекувања“ на приватни фотографии, видеа, користење на туѓи профили на социјалните мрежи, претставување во туѓо име, кривични дела, луѓето најчесто се одлучуваат за едноставни лозинки кои лесно можат да бидат предмет на наведените несакани ситуации.

Како да се заштитите од кибер напади?

Институционалната борба против кибер нападите и криминалот од овој тип е различна од земја во земја. Сепак, на индивидуално ниво, важно е да се знае дека лозинка која содржи подолг збир од знаци, големи и мали букви и броеви, многу потешко може да биде пробиена отколку веќе популарните лозинки.

Северна Македонија не е вклучена во истражувањето на „Норд пас“ за 2021 година, а вклучени се земјите од поширокиот регион меѓу кои се Грција, Романија и Турција.

Лозинката „123456“ е најчесто употребуваната кај корисниците на интернет и во овие земји, се заклучува во истражувањето.

TRT Balkan
Популарни