Маск ги отпушти директорите на Твитер и најави нова стратегија      Фото: 

„Птицата е ослободена“. Илон Маск го објави првиот твит како нов целосен сопственик на социјалната мрежа Твитер, откако ја комплетираше понудата за преземање вредна 44 милијарди американски долари.

Маск го испочитува судскиот рок откако се водеше шестмесечна сага меѓу него и компанијата, пред тој конечно да ја исполни првичната понуда од 44 милијарди долари, цена која според пазарните услови се чини дека не успеа да ја намали и покрај повеќето тактики.

Освен досетливи твитови, и влегување во седиштето на компанијата со мијалник (синк), алудирајќи на изреката „нека ви влезе во глава“ (let that sink in), тој го презеде и првиот потег со отпуштање на главните директори на Твитер.

Се шпекулира дека Маск планира да отпушти и околу 75% од вработените, дел од тие места да ги замени со други, а дел од работните места целосно да ги укине.

Засега главните грижи за иднината на Твитер доаѓаат од левицата, откако бројни славни личности и активисти се заканија дека ќе ги избришат профилите, стравувајќи дека ќе биде активиран повторно налогот на Трамп или пак, дека поголем простор ќе добива екстремната десница.

Кои се првите сигнали?

Во една од пораките до огласувачите, Маск накратко се осврна и на прашањето за неговиот мотив за преземање на Твитер. Како што напиша тој, сака да создаде слободен дигитален „плоштад“ каде ќе се сретнуваат различни мислења и дека нема да дозволи најекстремните ставови и навреди да поминат неказнето.

„Во немилосрдното бркање на кликови, голем дел од традиционалните медиуми ги поттикнаа и се погрижија за поларизираните крајности бидејќи тие веруваат дека така се заработува но, всушност се изгуби можноста за дијалог. Затоа го купив Твитер. Не го купив затоа што ќе биде лесно. Не го купив затоа што сакам да заработам повеќе пари. Го купив за да се обидам да му помогнам на човештвото кое го сакам“, порача Маск.

Твитер како бизнис примарно е зависен од рекламите и спонзорираните објави, но максимизирањето на тие приходи често може да води до компромитирани рекламни кампањи и експлоатација на деликатни политички и општествени теми кои предизвикаат силни реакции кај луѓето.

Идеалниот Твитер

Замислата за идеален Твитер на Маск, покрај гарантирање на слободата на говорот, опфаќа и елиминирање на мрежите на ботови за спам и лажни профили кои создаваат екстремни и штетни наративи.

Исто така Маск најави и создавање на апликација „Х“, која засега ја опишува како „апликацијата која ќе ги замени сите други апликации“. Ако се направи паралела со кинескиот „Ви-Чат“ тогаш може да се замисли која е неговата идеја. Односно спој на социјална мрежа како Твитер со останати електронски услуги и сервиси,

Во досегашниот „манифест“ на Маск сосема извесно е дека тој планира да ја тргне компанијата од јавно тргување со акции на берзата и да ја претвори во приватна компанија. Така нема да зависи од пазарот на капитал, а со тоа и ќе има помали очекувања од акционерите и регулаторите.

TRT Balkan / агенции
Популарни