Таканаречените полиметални грутки се вообичаени на рамни области на морското дно помеѓу 3.000 и 6.000 метри под површината на океанот / Photo: DeepCCZ expedition

Научниците кои работат во зоната Кларион-Клипертон (ЦЦЗ) во северниот Тихи Океан открија дека металните грутки на морското дно произведуваат свој кислород.

Со ова откритие на кислородот во длабоките мориња, наречен „темен кислород“, научниците за првпат забележаа дека кислородот може да се создаде без учество на живи организми и го доведува во прашање она што го знаеме за потеклото на животот на Земјата, велат истражувачите, пренесува „Live Science“.

Нешто револуционерно

Металните грутки расфрлани на морското дно на Тихиот Океан произведуваат кислород во целосна темнина и без никаква помош од живите организми.

„Кога првпат ги добивме овие податоци, мислевме дека сензорите се неисправни, бидејќи сите студии направени претходно во морските длабочини гледаа само како се троши кислород, а не се произведува“, рече водечкиот автор на студијата Ендрју Свитман, професор и водач на истражувачката група за биогеохемија во Шкотското здружение за морска наука (САМС), се вели во соопштението.

Но кога инструментите и понатаму ги покажуваа истите резултати, Свитмен и неговите колеги знаеја дека нашле нешто револуционерно и невидено.

Резултатите, објавени во понеделникот во списанието Nature Geoscience, сугерираат дека малите метални грутки пронајдени во зоната Кларион-Клипертон во северниот дел на Пацификот произведуваат кислород преку електролиза на морската вода, со делење на морската вода на кислород и водород во присуство на електрични полнежи.

Ова полнење може да произлезе од разликата во електричниот потенцијал што постои помеѓу металните јони во грутките, што доведува до прераспределба на електроните, се вели во студијата.

Едно од највозбудливите откритија

Таканаречените полиметални грутки се вообичаени на рамни области на морското дно помеѓу 3.000 и 6.000 метри под површината на океанот.

Овие грутки главно содржат оксиди на железо и манган, но содржат и метали како што се кобалт, никел и литиум, како и ретки земјени метали (лантаниди) како цериум, кои се есенцијални компоненти на електрониката и технологиите со ниска содржина на јаглерод.

Свитмен и неговите колеги првично ги проучувале потенцијалните влијанија на ископувањето на полиметални грутки врз екосистемот на морското дно во ЦЦЗ, понорна рамнина која се простира на 4,5 милиони квадратни километри помеѓу Хаваите и Мексико.

Како дел од оваа проценка, тимот ги мери промените во концентрацијата на кислород користејќи специјални експериментални комори на повеќе локации.

Николас Овенс, директор на САМС, рече дека тоа е едно од највозбудливите откритија во науката за океаните во последно време.

„Конвенционалната мудрост е дека кислородот првпат бил произведен пред околу три милијарди години од античките микроби наречени цијанобактерии и дека после тоа имало постепен развој на сложени форми на живот“, рече Овенс.

TRT Balkan / агенции
Популарни