Ева е опремена со камера за снимање под вода, сонар за избегнување пречки и филтер за собирање / Photo: ETH Zurich

Иако се на околу 400 километри од морето, студентите по инженерство на швајцарскиот универзитет „ЕТХ Цирих“ напорно работат на најсовремени роботи кои би можеле да го променат начинот на кој се проучуваат светските океани.

Роботот риба Ева мавта со силиконската опашка од едната на другата страна и непречено се лизга низ студената вода на езерото Цирих, каде што научниците го тестираат проектот Сурф-еДНК.

Имено, студентите веќе две години прават и тестираат јато роботизирани риби - од кои Ева е последната.

„Ева изгледа како риба за да биде што е можно минимално инвазивна во екосистемот што го истражуваме. Нејзиниот дизајн не треба да ги плаши другите риби“, вели Денис Бауман од „ЕТХ Цирих“ за Си-Ен-Ен.

Ева, или „автономно подводно возило“ (АУВ), е опремена со камера за снимање под вода, сонар за избегнување пречки и филтер за собирање ДНК.

Научниците потоа можат да ја секвенционираат ДНК за да видат какви видови живеат во тој екосистем.

Експертите сѐ повеќе ги користат овие уреди за истражување на океаните.

На пример, калифорниската старт-ап компанија АкваАИ создаде беспилотни пловила слични на риба-кловн кои можат да собираат информации како што се нивото на кислород, соленоста и пХ вредноста.

„Сакаме да создадеме сигурна алатка за биолозите. Можеби на тој начин помалку видови ќе исчезнат или ќе бидат загрозени“, рече Бауман.

TRT Balkan / агенции
Популарни