Турски тим на научници ќе развие инженерски решенија потврдени со научни методи за обнова на оштетеното земјиштe во регионот на Арктикот.
Орхан Инџе, од факултетот за инженерство на животна средина при Техничкиот универзитет во Истанбул (ITU) и шеф на Групата за микробиолошка екологија, води тим од 60 лица кој ќе спроведе теренско истражување за да ги обнови областите деградирани од природни и човечки активности и да обезбеди одржливо користење на земјиштето.
Инџе е и научен директор на мега проектот TerrArctic, финансиран од руското Министерство за наука и високо образование и спроведен од Државниот универзитет во Тјумен.
Тој за Анадолу ги истакна тешките последици од климатските промени во последните 40 години и клучната важност за справување со деградацијата на Арктикот во однос на обезбеденоста со храна и вода.
Креирање на акционен план за итни случаи
Инџе изјави дека ќе биде креиран итен акционен план како дел од проектот за решавање на „еколошките и останатите проблеми во животната средина на арктичкиот регион“.
Проектот ќе користи „иновативни инженерски решенија“ за развивање на „планови за одржливо користење на земјиштето“ и за спроведување „научни студии, подобрувања и инженерски услуги на краток, среден и долг рок“, посочи тој.
Истакна дека планот има за цел „да ги санира деградираните области, да го подобри квалитетот на почвата“ преку „биосанација“ и да осигура „безбедност на храната и водата“, што на крајот ќе обезбеди „поздрав свет“ за идните генерации.
Прва посета на регионот во мај
Инџе истакна дека првата посета на арктичкиот регион за проектот била од 12 до 31 мај со колегите од Државниот универзитет во Тјумен.
Тој рече дека планира да ги покани турските научници да се приклучат на проектот и додаде дека ректорот на Универзитетот, Исмаил Којунџу, веднаш ја дал потребната поддршка за вклучување на образовната установа во глобалната иницијатива со давањето на потребните административни и технички задачи.