Првиот јужнокорејски лунарен орбитер успешно воспоставил контакт со копнена станица по 90 минути од неговото лансирање денеска.
„Корејскиот лунарен орбитер - исто така познат како „Данури“ - ја оствари својата прва комуникација со антената на „Дип спејс нетворк“ (Deep Space Network) на американската Национална аеронаутичка и вселенска администрација (НАСА) во Канбера, Австралија, околу 90 минути откако беше лансиран со ракетата „Спејс икс фалкон 9“ од Кејп Канаверал во САД“, соопшти новинската агенција „Јонхап“, цитирајќи го соопштението на Министерството за наука и ИКТ (Информатички и комуникациски технологии).
Лансирањето првично беше закажано за среда, но беше одложено поради одредени проблеми со одржувањето. „Данури“ е првата вселенска мисија на Јужна Кореја која патува надвор од орбитата на Земјата.
Јужна Кореја ја лансира својата прва домашно произведена вселенска ракета во јуни, по неуспешниот обид во октомври минатата година.