Со помош на вештачка интелигенција (ВИ) може значително да се унапреди процесот на дијагностицирање деменција, сметаат истражувачите предводени од професори на Универзитетот во Шефилд.
Тие со повеќе партнери ја креираа алатката CognoSpeak за да се намали времето на чекање од првите симптоми до конечниот преглед кај специјалист.
Според тимот на CognoSpeak најмногу време се губи во чекањето преглед од приемот кај матичниот лекар во примарното здравство до преглед кај специјалист во секундарното здравство.
„Чекањето на можна дијагноза на деменција може да биде многу стресно за пациентите и нивните семејства. Оваа алатка може да помогне пациентите порано да го добијат третманот, да се намали времето на чекање и ќе се забрза осигурувањето на луѓето во постапките“, вели д-р Ден Блекбурн од одделот за неврологија на Универзитетот во Шефилд.
Со помош на виртуелните прегледи кои ќе се вршат преку алатката, податоците за пациентот веднаш ќе бидат достапни за лекарите, кои врз база на овие параметри ќе може побрзо да донесат одлука кои ќе бидат следните чекори во третирање на пациентот.
Како се спроведува дијагнозата?
Новата алатка користи виртуелен асистент кој го води разговорот со потенцијалниот пациент. Корисникот одговара на сет на прашања поврзани со проверка на меморијата и когнитивните способности.
Алатката е наменета како за лица кои се сомневаат дека имаат знаци на деменција и невролошки нарушувања, но и за здрави корисници. Преку тестирањето на здрави корисници се создава база за споредба со тие кои имаат симптоми или се во ризичната група на корисници.
Засега, тимот зад CognoSpeak смета дека постигнале над 90% успешност на тестот кој е речиси идентичен како и прегледите во лекарските ординации, со проверка на меморијата, објаснување на слики и проверка на течноста на говорењето и мислата.
Вредноста на алатките со вештачка интелигенција во здравствена нега се очекува да достигне вредност од речиси 15 милијарди евра до крајот на годината, и ќе забележи раст до над 100 милијарди евра годишно во наредните пет години.