Илустрацијата е уметничка импресија на небесниот феномен на Марс / Фото: ESA

Идните астронаути кои ќе стапнат на површината на Марс најверојатно ќе имаат можност да посведочат на сличен феномен на Аурорите, Бореалис и Австралис кои може да се набљудуваат на северните и јужните делови на Земјата.

Зелената светлина на Марс за првпат е детектирана од страна на Европската вселенска агенција преку инструментите на Орбитерот за следење на трагите на гасови кој е дел од ЕгзоМарс мисијата.

Зошто се појавува зелената светлина?

Зелената светлина која се појавува на небото на Марс се појавува поради хемиски процес кога атомите на кислородот формираат молекули, но не е идентичен феномен како и Аурорите на Земјата.

Слично е тоа што и двата феномени се видливи за човеково око, што значи дека екипажот на идната мисија за освојување на Црвената планета ќе може да ја погледне зелената светлина.

„Оваа емисија се должи на рекомбинацијата на атоми на кислород создадени во летната атмосфера и транспортирани од ветровите до високи зимски географски широчини, на надморска височина од 40 до 60 километри во атмосферата на Марс“, објаснува Лориан Сорет, истражувач од Лабораторијата за атмосферски и планетарнa физика на Универзитетот во Лиж, Белгија и дел од тимот што го објави откритието во Nature Astronomy.

Атомите на кислород се формираат на дневната светлина на Марс кога Сонцето дава енергија на молекулите на јаглероден диоксид, што доведува до нивно одделување. Потоа кислородните атоми мигрираат кон ноќната страна, не ги допира Сонцето и емитуваат светлина на пониска височина.

Значењето за науката

Мерењата на зелената светлина освен естетика и додавање мистичност на следната дестинација на вселенските амбиции, може да дадат и многу корисни информации за процесите околу атмосферата на земјиниот планетарен сосед.

Преку зелениот отсјај се мерат трагите во атмосферата и се индикатор за количеството на различни гасови, што всушност е и една од главните цели на мисијата ЕгзоМарс на ЕСА.

Овие податоци ќе бидат многу корисни и при планирањето на првите мисии со човечки екипаж кои освен што ќе треба да стапнат на Марс, ќе треба таму и да почнат со изградба на првата планетарна станица.

TRT Balkan
Популарни