Ѕвездите на ноќното небо сè потешко се забележуваат споредено со претходните децении поради феномен наречен „небесен сјај“, па да погледнеме што претставува тој.
Небесен сјај е осветлување на ноќното небо како резултат на прекумерно и несоодветно вештачко осветлување во густо населени урбани места низ светот. Тука спаѓаат уличното осветлување, рефлекторите, безбедносното осветлување, осветлените згради, осветлувањето на аеродромските писти и така натаму. Иако со голо око може да се забележат стотици ѕвезди на чистото ноќно небо, десетици ѕвезди и соѕвездија рапидно исчезнуваат од видикот.
Иако овој феномен е познат подолго време, „Глобусот во ноќта“ меѓународна истражувачка програма сугерира дека овој проблем се влошува со забрзана стапка отколку што е прикажано во мерењата на сателитите во вселената.
Новата студија која ги анализира податоците од повеќе од 50.000 аматерски набљудувачи на ѕвезди открива дека вештачкото осветлување го прави ноќното небо околу 10 отсто посветло секоја година.
Тоа е многу побрза стапка на промени отколку што научниците претходно процениле гледајќи ги сателитски податоци. Истражувањето, кое вклучува податоци од 2011 до 2022 година, е објавено во четвртокот во списанието „Сајанс“ (Science).
„Од година до година се повеќе ја губиме можноста да ги гледаме ѕвездите“, вели Фабио Фалчи физичар од Универзитетот во Сантијаго де Компостела кој е дел од студијата.
„Ако сè уште можете да ги видите најмрачните ѕвезди, тогаш сте на многу темно место. Но, ако ги гледате само најсветлите, тогаш сте на место кое е многу „загадено“ од светлина“, вели Фалчи.
Како што се шират градовите и се поставуваат повеќе светла, „небесниот сјај“ или „вештачкиот самрак“, како што го нарекуваат авторите на студијата, станува поинтензивен.
Годишната промена од 10 отсто „е многу поголема отколку што очекував - нешто што јасно ќе го забележите во текот на животот“, вели Кристофер Киба, коавтор на студијата и физичар во германскиот истражувачки центар за геонауки во Потсдам.
Киба и неговите колеги го дадоа овој пример: Дете се раѓа кога се видливи 250 ѕвезди во ведра ноќ. Кога тоа дете ќе наполни 18 години, сè уште видливи се само 100 ѕвезди.
„Ова е вистинско загадување, кое влијае на луѓето и животинскиот свет“, смета Киба, надевајќи се дека носителите на одлуки ќе преземат повеќе мерки за ограничување на светлосното загадување. Имено, некои локалитети поставуваат такви ограничувања.
Податоците од „Глобусот во ноќта“ се собрани преку волонтери кои го набљудувале соѕвездието „Орион“ и околните ѕвезди споредено со графикони кои ја покажуваат точната бројка на претходно видливи ѕвезди во непосредна близина.
Претходните студии за вештачко осветлување, кои користеа сателитски снимки од Земјата навечер, проценуваа дека годишно осветленоста на небото се зголемува за 2%.
Но, сателитите кои се користеле не се во можност да детектираат светлина со бранови должини кон синиот крај на спектарот - вклучително и светлината која ја испуштаат енергетски ефикасните ЛЕД светилки.
Според истражувачите, повеќе од половина од новите надворешни светла инсталирани во САД во изминатата деценија биле ЛЕД светилки.
„Сателитите се исто така подобри во откривањето на светлината што се распрснува нагоре, како рефлектор, отколку светлината што се расфрла хоризонтално, како сјајот на осветлен билборд навечер“, потенцира Киба.
Небесниот сјај го нарушува деноноќниот ритам кај човекот и другите форми на живот, смета билогот Емили Вилијамс од Џорџтаун.
„Птиците преселници вообичаено се ориентираат според светлината од ѕвездите во ноќни услови. Исто така младенчињата на морските желки ја користат светлината за да се ориентираат кон океанот откако ќе излезат од положените јајца“, вели таа.
„Сега губиме значаен дел од универзалното искуство како човештво“, вели Фалчи.
„Ноќното небо беше, за сите генерации пред нашата, извор на инспирација за уметност, наука и литература“, заклучува тој.